Недозволиво мешање во внатрешните работи на земјава и преседан, со овие зборови македонскиот државен врв го оцени барањето на бугарскиот претседател, Румен Радев, бугарските безбедносни служби да ги штитат правата на лицата кои се декларираат како Бугари во Македонија. Барањето на Радев до шефовите на бугарските специјални служби да преземат мерки за заштита на правата на Бугарите надвор од Бугарија, поконкретно во Македонија, шефот на македонската држава, Стево Пендаровски, го нарече преседан на земја-членка на НАТО да повикува нејзини служби да штитат права на граѓани во друга членка.
„Крајно невообичаено и секако надвор од внатрешните процедури на Алијансата е претседател на една земја-членка на НАТО да ги повикува своите служби за безбедност да реагираат за наводно кршење на правата на граѓани во друга земја-членка на НАТО. Реакцијата на бугарскиот претседател е спротивна и на основниот принцип во меѓународната политика за немешање во внатрешните работи на друга држава“, стои во пишаната реакција на претседателот Пендаровски.
Премиерот Зоран Заев освен реакција испрати и порака до Бугарија.
„Да бидеме внимателни заради тоа што секогаш сме знаеле да дадеме одговор за било која нивна загриженост, како што и тие знаеле да дадат одговор на наша загриженост. Да не потпаѓаме под било какви инсинуации или неточни информации, секој пат можеме да ги провериме. Ние сме земји-членки на НАТО, ние сме сојузници. Не ни треба испраќање не незнам какви разузнавачки служби, посебни служби, да ги утврдат правата на граѓаните.
Недозволиво е прво мешање на туѓа земја во туѓа земја. Ние тоа сме го декларирале во Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија. И не само тоа во разговорите одиме и понатаму – немешање во малцинства, затоа што тоа се решава при совет на Европа“, е ставот на Заев.
Барањето на Радев уследи вчера откако до него стигнало писмо од Културниот центар „Иван Михајлов“од Битола дека имало зачестените појави на повреда на права на македонски граѓани во земјава само поради фактот што се декларирал како Бугари. Македонските власти пак информираат дека тие немале сознанија за такво нешто.
Од Кабинетот на претседателот за Телма информираат дека тој на оваа тема има редовна комуникација и координација со безбедносните служби, но оти до овој момент, нема добиено ниту една информација од надлежните институции за кршење на човековите слободи и права на македонски граѓани само затоа што ја декларирале својата етничка припадност.
Рекација за вакви случи во земјава досега немало ни од официјална Софија. Од Министерството за надворешни работи за Телма велат дека тие до сега не добиле ниту вербална, ниту писмена реакција од бугарското МНР или бугарската амбасада, за наводно кршење на права на Бугари во Македонија.
Сомнеж на потегот на Радев фрла и самата шефица на бугарската дипломатија, Екатерина Захариева, која иако не штеди на критики за Македонија, денеска многу внимателно зборуваше за оваа тема, дури рече дека се радува што македонските власти почнале да реагираат на вакви случаи.
„Кога и овие граѓани кои живеат таму се заплашувани, дискриминирани. Овој случај е малку поразличен, кој што го спеменувате. Секако ние ги проучивме работите, тој контактираше со нашиот конзулат, амбасадата, го посоветуваме да поднесе жалба до полицијата за да можат властите таму да реагираат. Според тоа што го добивме како информација за случајот и објаснување од нашиот амбасадор, случајот е малку поразличен, не е поради неговата определба“, изјави Захариева.
Бугарските власти денеска од македонска страна беа потсетени и дека земјава како држава-кандидат за членство во ЕУ е под редовен мониторинг на Брисел, но дека ниту во последниот годишен извештај за напредокот на Европската Унија не се регистрирани такви случаи, какви што наведува Бугарија.
Тамара Грнчароска