Првата фаза од Пописот на населението, домаќинствата и становите почна денеска со попишување на вработените во дипломатско-конзуларните претставништва и нивните семејства, на дијаспората, припадниците на армијата во странство, затворениците и бездомниците. Оваа активност ќе трае до 21 април, кога и официјално треба да заврши пописот, што ќе започне на 1 април.
Лицата од казнено-поправниот дом во Куманово беа првите со кои почна пописот. Директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски, уште еднаш повтори дека ова е опреација која е во интерес на сите граѓани, од која корист ќе имаме сите. Во однос на поплаките од иселениците од Германија дека апликацијата за пријавување не функционира, Симовски рече дека таа е функционална и дека иселениците веќе ја користат. Една од двете казни со која можат да се соочат учесниците во пописот, а кои ќе го злоупотребат, е пет години затвор.