Министерката за образование не чувствува одговорност што проблемот со матурантите го реши премиерот, а не таа. Вели дека, во преговорите за полагање на матурата сепак била присутна преку претставници.
Матурантите уште во декември побараа полагање на два матурски испити и скратени програми. Министерството одби, по што следуваше бојкот, прекини, па повторно бојкот на наставата. По заканата со протести, следуваше средба со премиерот и на крај решение – ќе се полагаат два екстерни и два интерни испити, а останува и изработката на проектната задача.
Од понеделникот тече и повторното пријавување на 15 295 матуранти кои веќе се пријавиле, за, доколку сакаат, да ги променат предметите што ќе ги полагаат и ќе трае до 5 март. Не е дозволено премислување на оние ученици кои пријавиле училишна матура или стручен испит.
Наумовска ги повикува матурантите, при изборот да обрнат внимание на карактеристичните предмети кои се соодветни за факултетот каде што ќе сакаат да студираат, а кои ги има во конкурсите од минатите години. Програмите по сите предмети ќе бидат скратени. Работна група од 15 членови, меѓу кои и тројца средношколци, веќе ја подготвува новата концепција за државна матура за идната учебна година, која треба да има различни предмети за гимназиско, за стручно и за уметничко образование.
Далиборка Демјанска Цветановска