Во Основниот кривичен суд Скопје денеска треба да биде изречена пресуда за предметот „Таргет-Тврдина“, што се однесува на масовното прислушување и уништување на опремата од Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК).
Пресудата за овој предмет во судница треба да ја чуе и поранешниот директор на УБК и еден од обвинетите Сашо Мијалков, кој ќе биде спроведен од домашен притвор што му го одреди судот како мерка на претпазливост.
Во овој предмет обвинети се поранешниот началник на Петтата управа во МВР Горан Грујевски и вработениот во УБК Никола Бошкоски, кои се во бегство во Грција, поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, поранешниот шеф на неговиот кабинет, Тони Јакимовски, Владимир Варелов од УБК и уште пет други лица од Управата.Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби. Прислушувањето директно и индиректно опфатило околу 20 илјади граѓани.
Во меѓувреме, случајот со исчезнувањето на Мијалков отвори и прашања дали, кој и како му помогнал да побегне, и дали потфрлила некоја од надлежните институции. Највисоките државни претставници побараа да се утврди одговорноста за овој случај кој, како што оценија, може да ги компромитира напорите за справување со криминалот и корупцијата. Опозицијата, пак, обвини за договор меѓу власта и Мијалков и побара оставка од Владата, а за случајот се заинтересираа и САД и ЕУ.
Премиерот Зоран Заев и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски категорично ги отфрлија шпекулациите за какви било договори за бегство на Сашо Мијалков.
Мијалков исчезна во неделата попладне. Полицијата три дена трагаше по него, беше распишана национална, потоа и меѓународна потерница, беа извршени претреси во објекти и повикани на информативни разговори членови на наговото семејство. Мијалков во вторникот попладне ненајавено се појави пред Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција за да го подигне решението за домашен притвор што му го одреди Кривичниот суд. Тврдеше дека не избегал, туку се повлекол во изолација поради здравствени причини, имал висока температура и симптоми на корона.
Премиерот Заев, пак, смета дека Мијалков сакал да избега, но немал друг избор и го сторил она што му било неизбежна опција, да се пријави во Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, со што е обезбеден неговиот притвор. Акцијата за обезбедување на Мијалков, како што наведе Заев, тој лично ја кооринирал и со брзата мобилизација на сите институции биле елиминирани сите можности тој да ја напушти државата. Најави доследно испитување на одговорноста и потенцира дека правдата е обезбедена и дека ќе ја има почесто и ќе следува ваков одговор на институциите.
Порача дека Обвинителството и Судот пријавувањето на Мијалков не треба да го сметаат за олеснителна околност, ниту за овој ниту за друг случај, затоа што не треба да се заборави дека тој не беше достапен за правосудните органи и полицијата.
Обвинителката Вилма Рускоска, сепак, смета дека тоа што Мијалков самиот се пријавил во Обвинителството е олеснителна околност. Не кажа зошто не побарале затворски наместо домашен притвор.
По пријавувањето во Обвителството за гонење организиран криминал и корупција, на Мијалков му беше врачено решението за куќен притвор и тој беше спроведен на извршување на мерката. Според решението од Основниот кривичен суд – Скопје, на предлог на Обвинителството, на Мијалков му беше определи куќен притвор и 24-часовен видео и аудио надзор.