Средношколците во завршна година кои до крајот на декември пријавија дека ќе полагаат државна матура, од 22 февруари до 5 март одново се пријавуваат во училиштата за да ги променат предметите што ќе ги полагаат, откако минатата недела беше постигнат компромис за измени на концепцијата за оваа генерација матуранти.
Согласно договорот помеѓу Владата и Средношколскиот сојуз, наместо три, ќе се полагаат два екстерни испита зашто третиот екстерен преминува во интерен, покрај другиот интерен што веќе постоеше во концептот, а останува и изработката на проектната задача.
Директорката на Државниот испитен центар Елизабета Наумовска изјави дека министерката за образование и наука вчера ја потпишала изменетата Концепција за државна матура која до понеделник ќе ја имаат и училиштата. Согласно со измените, ДИЦ ќе прати насоки за следните активности до сите институции надлежни за спроведување на матурата. Се очекува и објава на новиот календар за испитите. Со поместените рокови, првиот екстерен ќе се полага на 5 јуни, а вториот на 11 јуни 2021.
Новото пријавување/регистрирање важи само за 15.295 ученици кои до законскиот рок (31 декември 2020) се пријавија за државна матура, односно изменетата концепција не им овозможува премислување на оние ученици кои до крајот на минатата година пријавиле училишна матура или стручен испит.