Вчера директорот на Охридската болница призна дека згрешил затоа што ставил потпис на список за вакцинација кој разоткри пропуст на менаџментот. Денес истиот директор го разреши секретарот во неговата болница, затоа што се вакцинирал преку ред.
Причината е добро позната на јавноста, организациониот секретар кој е правник по професија се нашол на приоритетниот список со здравствени работници кои секојдневно работат со Ковид-позитивни.
Тие заедно, пред неколку дена ја примија и првата доза од вакцината на „Фајзер“ во скопската модуларна болница.
Министерството за здравство ја осудува секоја злоупотреба и прекршување на приоритетните групи опфатени во трите фази на Ковид имунизација. Укажуваме дека никој кој не е здравствен работник опфатен во првата група, од првата фаза за имунизација – не смее да се вакцинира, соопштуваат од министертвото.
Иако министерот за здравство најави ревидирање на листите на вакцинирани досега, се уште останува непознато дали е евидентирана злоупотреба при процесот на вакцинирање и на други места освен во овој случај.
Разрешувањето на секретарот од Охридската болница следи по изјавата на директорот на установата дека секретарот сепак е вклучен во сите активности поврзани со Корона вирусот и дека лицето се пријавило за вакцинирање откако од списоците отпаднале неколку здравствени работници поради тоа што имале антитела или биле позитивни.
Иако веќе призна пропуст во списокот, директорот сепак останува на својата позиција.
Петар Догов