Итна истрага и одговорност за случајот со Сашо Мијалков бара претседателот на државата. Пендаровски очекува надлежните институции во најкус можен рок целосно да го расветлат случајот, и доколку бидат констатирани какви било пропусти, да се утврди одговорност. Бара и да се преземат неопходните мерки со цел да биде спроведено судското решение за негов притвор.
Вакви случувања се неприфатливи за земја која очекува да почне преговори за членство во Европската Унија и која напорно работи на реформирање на правосудниот систем и градење доверба во правната држава. Ова ги дискредитира напорите и надежите за справување со криминалот и високата корупција. Граѓаните бараат одговорност и кривична и морална. Борбата за правна држава значи секој кој се огрешил пред законот да биде казнет, порача претседателот.
Опозицијата, пак, ја обвинува власта за бегството на Мијалков. И тие бараат одговорност, но и оставки.
Во октомври 2018 година кога го исклучивме Мијалков од ВМРО-ДПМНЕ, јавно кажавме дека има тајна коалиција, која не само овие три години, туку 15 години наназад работи на уништување на Македонија. Наградата стигна овој викенд, на тој начин што му се овозможи да избега од правдата, обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ
За партијата „Левица„бегството на Мијалков е „само уште една потврда за јавната тајна дека власта на чело со премиерот Заев и СДСМ се во тесна врска со сите првообвинети од случаите, кои СЈО ги отвори како резултат на „бомбите“.
Одговори бара и јавноста.На социјалните мрежи врие од реакции и повици за одговорност.
Далиборка Демјанска Цветановска