Две илјади деца се на листата за чекање во градинките бидејќи не може да бидат прифатени поради корона-протоколите со кои се предвидуваат помали групи. И покрај барањето, комисијата за заразни болести отфрлило попуштање на мерките во градинките поради откриени заболени од британскиот сој на вирусот.
Родители на околу 2 илјади деца низ цела држава секојдневно се обидуваат да ги сместат во градинка, но поради анти-корона протоколите детските градинки не се полнат до крај. Информацијата ја потврдија и од Минитсерството за труд и социјална политика од каде ни одговорија дека децата се на листата за чекање. Поради зголемената потреба, детските градинки побарале од министерството дозвола групите да се зголемат, но комисијата за заразни болести пресекла со негативен одговор.
МИНИСТЕРСТВО ЗА ТРУД И СОЦИЈАЛНА ПОЛИТИКА: На доставеното барање од страна на Комисијата ни беше посочено дека со оглед на тоа дека е детектиран првиот случај на инфициран со новиот сој на коронавирус, веќе донесениот Протокол и мерки да останат во сила , потенцирајќи ја потребата од максимално почитување на истите. Притоа, потенцирајќи дека актуелната епидемиолошка состојба не дозволува олабавување на мерките ниту промена на веќе донесениот Протокол.
Иако сите градинки во Македонија имаат вкупне капацитет од над 21 илјада деца, во моментот поради протоколите на дневна основа се прифаќаат 8 илјади деца помалку. Групите според протоколот може да згрижат максимум 15 деца постари од две години, додека во јаслите групите не смее да бидат поголеми од 12 доенчиња и бебиња. Во училиштата пак дозволени се поголеми групи од по 20 ученици. Општините и градинките деновиве се под опсада од родители кои бараат место за децата, но поради протоколите важи и посебно правило за прифаќање.
МИНИСТЕРСТВО ЗА ТРУД И СОЦИЈАЛНА ПОЛИТИКА: Приоритет во овој период за посетување на градинка имаат децата на самохраните родители и деца на двајца родители кои се вработени и за тоа ќе донесат потврда во установата, а одлуката за згрижување на останатите деца и упис на нови деца ќе ја донесе самата детска градинка доколку има помал број на деца во групите од предвиденото во Протоколот и доколку просторните капацитети го дозволуваат тоа.
Поради тоа околу 2 илјади деца се чуваат во зависност од можностите на родителите. Капацитетот и претходно беше недоволен, а во последните 4 години се отворени 8 нови градинки главно во поголемите рурални области како што е и денешното отварање на “Среќни насмевки“ во Босилово.
Миомир Серафиновиќ