Различното темпо на вакцинација, кое е далеку повисоко во богатите Западни земји отколку во остатокот од светот, е причина поради која ќе бидат потребни седум години, со сегашното темпо, за да се вакцинира 75 отсто од населението, односно да се постигне колективен имунитет и животот да се врати во нормала, анализира Блумберг.
Според податоците на агенцијата Блумберг, кои се ажурираат секој ден, Соединетите Држави би ја постигнале целта, точно на крајот на оваа година, иако стапката на вакцинација во сојузните држави е различна. На Канада, со моменталното темпо на вакцинација ќе и бидат потребни девет години и седум месеци да постигне 75 отсто, бидејќи компаниите Фајзер и Модерна, испорачаа само мал дел од нарачаните 40 милиони вакцини. На Кина ќе и бидат потребни седум години, а на Бразил три и пол.
На европскиот континент, лидер е Британија каде со ова темпо, за шест месеци ќе бидат вакцинирани најмалку 75 отсто од граѓаните. По нив е Унгарија, каде се потребни нешто помалку од две години, а потоа се Италија, Франција, и Германија каде целта од 75 отсто би се постигнала во перидот меѓу три и четири години.
Од соседството, Блумбрег предвидува дека Србија ќе ја заврши вакцинацијата до мај идната година, додека на Грција ќе и бидат потртебни речиси две и пол години. Според последните информации на Блумберг, само во петокот се вакцинирани два запирка три милиони луѓе во светот. До сега, вакцинацијата почна во 73 држави во светот, а вакцинирани се 64 милиони луѓе.