Тимот на Инфективното одделение во Гостивар се уште не добил платежни картички, кои Владата ги доделуваше лани со третиот пакет мерки за медицинарите вклучени во борбата против коронавирусот. Конкретен одговор од надлежните зошто медицинарите до сега не ги добиле ваучерите, нема.
Вработените на Инфективното одделение во гостиварската болница со месеци ја чекаат паричната награда, која им следуваше со третиот владин пакет економски мерки. Медицинарите, кои се први во борбата против ковид во Гостивар, се уште не ги добиле ваучерите од по 100 евра.
Тие и во октомври преку медиумите реагираа за истиот проблем, напоменувајќи дека доставиле списоци на вработени, поднесувале и приговори, но ефект нема. Сега повторно јавно прашуваат, кога конечно ќе им бидат дадени ветените платежни картички.
Од Владата немаат конкретен одговор, зошто на вработените на инфективно во Гостивар се уште не им се доделени ваучерите.
„Се анализираат причините зошто е дојдено до ваква ситуација и овие здравствени работници не ги добиле платежните картички кои им следуваа со третиот пакет економски мерки за справување со пандемијата. Во меѓувреме се разгледуваат модалитети помошта да им биде исплатена во најскоро време.“, наведоа од владината прес служба.
Инфективното одделение во болницата во Гостивар има 30-тина вработени. Тие очекуваат, каде и да настанала грешка, да се надминат проблемите и да ги добијат платежните картички.
Данијела Билбилоска