Дојде со бодигарди, но екс директорот на УБК повторно во игра преку својот исказ ја врати теоријата за жолти комбиња. Пред судот Мијалков тврдеше дека во 2014-та со три лап топи и една антена на прозорец во неговиот кабинет, израелска компанија утврдила три тактички подвижни системи, не на МВР, кои можеле да прислушуваат. Кога го прашаа дали како директор на УБК наредил истрага и наоѓање на тие системи, тој рече дека УБК истражувало, но не можело да ги откри сторителите.
Во судница Мијалков негираше се за што е обвинет – тврдеше дека за уништување на системот дознал, но не знае кога точно, на прашањето од обвинител дали ќе се согласи дека имало нелегално прислушување од 2008-ма до 2015-та, кратко и одречно негираше дека не се согласува. А сето тоа се одвиваше на рочиште за случајот „Тврдина Таргет“ каде тој е обвинет токму за тоа.
Негираше дека ги знаел припадниците на групата кои сега се обвинети, рече дека имал многу десни раце, а не бил само Горан Груевски како што имплицираа обвинителите од некогашното СЈО. Рече дека не е изведен ниту еден доказ кој докажува дека тој наредил некому да се прислушува, а тврди дека иако имал лозиннка, компјутерот во својата директорска канцеларија го вклучил само неколку пати за девет години и никогаш не слушал снимени следени разговори.
Познавајќи се себе и својот карактер, не сум имал интерес да следам ниту да наредам нечие следење. Не сум човек кој во секојдневието постојано користи компјутер. Она што користам е телефон за следење на интернет и електронска мејл комуникации. За 9 години само неколку пати сум го вклучил компјутерот за таа цел, мејл комуникација и интернет. Сакам изрично да кажам дека јас никогаш преку својот компјутер сум се приклучил на системот за следење на комуникации, сведочеше тој.
Иако речиси 9 години управуваа со МВР и со УБК, и поранешната министерка Јанкуловска и екс директорот на тајната служба, тврдат дека немале поим и не знаеле дека се уништува опремата за следење на комуникации во време додека во државата се откриваше за масовната злоупотреба со прислушување на десетици илјади граѓани.
Јанкуловска го потпишала решението за формирање на комисија која ќе одлучи да ја уништи опремата, но пред судот тврди дека не знаела дека има проблеми со процесот и дека комисијата има за цел да ја уништи спорната опрема во УБК каде според обвинението е вршено незаконското следење. Јанкулоска смета дека одговорноста е на комисијата која го создала решението што таа го потпишала. За случајот дознала благодарение на СЈО кое ја обвини, а претходно не знаела за уништениот систем за следење на комуникации. Јанкуловска тврдеше дека УБК било финансиски и целосно независно од МВР, но Мијалков пак рече дека сметките и финансиската евиденција за потребите на УБК се воделе во Министерството. И двајцата, но и останатите тврдат дека не се виновни за делата за кои ги гони обвинителството.
Миомир Серафиновиќ