Економија Топ вести

Пратениците ризикуваат повторно да остават простор за злоупотреби со Екстралесното гориво ако навреме не се донесат измените на Законот за акцизи

Пратениците и Владата ризикуваат повторно да отворат простор за злоупотреби со екстралесното гориво во земјава, доколку измените на Законот за акцизи не бидат донесени пред истекот на важноста на Уредбата за изедначување на акцизата на екстралесното гориво со таа на дизелот. Уредбата истекува на 22 јануари, односно седум месеци по завршувањето на вонредната состојба, а измените на Законот за акциза каде е вметната оваа Уредба – се уште не е ставен на дневен ред во Собранието. Истите беа усвоени на владина седница на 4 јануари, но дури вчера стигнаа во Собранието. На веќе закажаните седници, од кои последната е на 18 јануари, не се ставени на дневен ред, иако Уредбата истекува само 4 дена подоцна. Од Собранието велат дека ова не е нивна вина. Законот е стигнат вчера, по што следи задолжителна процедура.

Законот е стигнат во Собранието вчера. Се` уште не е на седница, ниту е доставен до пратениците. Првин треба да се провери, да се преведе, па потоа да се достави до пратениците и да се стави на седница, велат од Собранието.

Од Министерството за финансии, и покрај кратките рокови очекуваат законските измени да бидат донесени пред истекот на важноста на Уредбата која го регулира ова прашање.

Законот е во собраниска процедура и се очекува истиот да биде усвоен по скратена постапка и објавен во Службен весник, пред престанување на важење на Уредбата која го регулира предметното прашање.

Од Регулаторната комисија за енергетика, од каде и претходно алармираа на злоупотребите со Екстралесното гориво и го поддржуваа носењето на уредбата, сега велат дека, доколку не се донесе законот навреме, можноста за злоупотреби постои, но очекуваат дека такво нешто нема да се случи.

РКЕ и пред носењето на уредбата, го поддржуваше донесувањето на уредбата со која акцизата на екстра лесното гориво и на дизелот ќе се изедначат, затоа што сметавме дека на тој начин ќе се создаде нормално функционирање на пазарот на нафта и нафтени деривати и ќе се избегнат сите шпекулации што се правеа со екстра лесното гориво. Очекуваме и се надеваме дека измените на законот ќе се донесат во дадениот рок. Доколку не се донесат, РКЕ нема друга можност туку ќе го примени постоечкиот закон за акциза, имајќи предвид дека оваа уредба е со ограничен рок. Но, верувам дека измените ќе се донесат во соодветниот рок, вели претседателот на РКЕ Марко Бислимовски.

Нивните анализи покажуваат дека, изедначувањето на акцизата е вистински потег, затоа што довело до значително намалување на продажбата на екстра лесното гориво, што само по себе покажува дека имало големи злоупотреби.

Потрошувачката на екстра лесното гориво за првите единаесет месеци од годинава, споредено со првите 11 месеци од 2019 година е намалена за 14 проценти. Имајќи предвид дека уредбата е донесена кон крајот на април, правевме анализа за вториот дел од годината и таму имаме намалување помеѓу 35 и 40 проценти. Тоа упатува дека на овој начин се зголемени приливите во буџетот и се спречени малверзациите, односно, наместо Екстра лесно се точало тоа што треба, односно дизел и на тој начин се дал и значителен придонес и кон заштитата на животната средина, вели Бислимовски.

На злоупотребите со Екстраленото гориво, кое наместо за греење во домаќинствата завршуваше во резервоарите на автомобилите, освен дел од нафтените компании, укажуваа и од Стопанската комора на Македонија а тоа го покажа и анализата на Министерството за финансии. Од пониската акциза за екстралесното кое нелегално се точеше во возилата државата губеше по 30 милиони евра годишно, но беше на штета и на животната средина.

Далиборка Демјанска Цвеановска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Ревизорите потврдија – зграда може, парк или дрворед многу тешко!

Дејан Дејан

Каде завршија дел од парите од луксузниот апартман на Тито- МВР му пиша пријава на Фрчковски, тој вели комична пријава од незнаење и за притисок

Дејан Дејан

(Видео) Село Света Петка без струја – ЕВН соопшти „дивите приклучоци доведоа до пад на мрежата“

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе