Ракометарите на Вардар од денеска и официјално ги почнаа подготовките за продолжението од сезоната.
Тренерот Стевче Алушовски ги нема сите играчи на располагање, а составот ќе биде комплетиран по завршувањето на Светското првенство во Египет.
Во оваа прва фаза од тренинзите отсуствуваат македонските репрезентативци Стоилов, Мишевски, Талески и Димитриоски, членовите на селекциите на Хрватска и Полска, Иван Чупиќ и Патрик Валчак, а се очекува деновиве во Скопје да допатува Кристијан Дисингер, кој нема да биде дел од репрезентацијата на Германија.
“Пред стартот на новата полусезона можам да кажам дека имаме еден краток период за нас за подготовки за тоа што нѐ очекува во втората полусезона и густиот распоред во февруари. Во моментот од репрезентативните обврски ни недостигаат седум ракометари. Имавме големи проблеми со ковид-19, се надевам дека тоа е зад нас и се надевам дека во следниот период ќе бидеме сите здрави. Се надевам дека ќе напредуваме од ден во ден. Ќе се потрудиме да ги освоиме првенството и Купот”, изјави шефот на стручниот штаб Алушовски.
Првиот официјален натпревар во продолжението од сезоната Вардар ќе го одигра на 4 февруари кога му гостува на Порто во рамките од Лигата на Шампионите.