Шумите во Потпелистерието ги пустошат дрвокрадци, а моликата се шверцува и во соседна Грција, покажало истражувањето на невладината „Евротинк“. Но, за период од 10 години, шумското стопанство „Кајмакчалан“ од Битола, подонело само 20 прекршочни и ниту една кривична пријава, а пак битолската полиција во рамките на акцијата „Гора“ поднела 168 кривични пријави, но не се знае колку од овие предмети имаат судска завршница.
Посебно во делот на Потпелистерието и делот на кај Ресен е изразено. Функционираат и поединци и органзирани криминални групи. Една од спецификите на битолскиот регион е што има прекуграничен органзиран криминал со шверц на одредени дрва, а тука предничи моликата како еден од ретките видови на дрво, вели Иван Стефановски, извршен директор во „Евротинк“.
Но, од дрвокрадци не е нападнато само Потпелистериот туку огромни површини шуми во Западна и Источна Македонија. Според официјалните податоци до кои дојде „Евротинк“, за 10 години во Македонија нелеагално се исечени 245 илјади метри кубни дрва, но се претпоставува дека овие бројки се далеку поголеми. Во пустошењето на шумите вклучени се организирани криминални групи, потпомогнати од вработени во државни инстутуции, но и политички моќници, велат од „Евротинк“.
Многу често имаат подршка од клучни играчи во институциите, но понекогаш и политичка поддршка од експоненти на политичките партии, и на централно, и на локално ниво. Во минатото имало и индиции за финансирање на политички кампањи преку средства обезбедени од дива сеча, вели Стефановски.
Една од причините за масовно пустошење на македонските шуми е тоа што надлежните државни инситуции не можат на време да обебзедат доволно огревно дрво за граѓаните, па се остава простор на криминалните групи.
Грубите проценки велат дека половина од дрвната маса е обебзедена од страна на државните институции, а другата половина е оставена на оние кои што на нелегален начин се обидуваат да профитираат од оваа работа. Ова е тешка битка, голем проблем, а се претпоставува дека овој „бизнис“ тежи повеќе од 60 милиони евра годишно, вели Стефановски.
Покрај детектирање на институционалните слабости и неказнивоста на учесниците во овој нелегален бизнис, проектот „Отпорни граѓани-безбедни шуми“ на „Евротинк“ има за цел да ја подигне јавната свест граѓаните да не купуваат крадено дрво и да пријават бесправна сеча, затоа што последиците од уништувањето на шумите се огромни.
Емилија Мисирлиевски