Оризопроизводителите од кочанскиот регион до вторник ќе го чекаат официјалниот одговор од Министерот за земјоделство. Пред пет дена на маса ставија 12 барања, најосновните се да се интензивира откупот, зголемување на цената на оризовата арпа од 25 до 30 и од 55 до 60 денари на белиот ориз, како и исплата на субвенциите. Доколку официјално не го добијат одговорот најавуваат протести и блокрање на патот Штип-Кочани.
Во откупните центри е предаден само 30 % од произведениот ориз, останатите 70 се во амбарите и магацините на оризопроизводителите, чекајќи подобра откупна цена. Очекуваат до крајот на годината да ги добијат субвенциите, кои за нив ќе значат достоинствен пречек на Новата Година и славење на Божиќ во нивните домови. Доколку не им легнат на сметките овие пари, во тој случај, какошто вели Арсов на голем дел од оризопроизводителите им се закануваат извршителите, за наплата на ненаплатени сметки.
Од кабинетот на Министерот за земјоделство за Телма велат дека сепак до крајот на годината оризопроизводителите нема да ги добијат субвенциите, поради тоа што имало продолжен рок за аплицирање, се бараат начини да се исплатат во јануари наредната година. Очекуваат покачување на цената на оризот во јануари, бидејќи се работи за берзански производ, но сметаат дека годинава цената нема да биде ни одблизу на ланските 32 денари за килограм арпа, кога поради корона кризата големите производители на ориз ги спуштија рампите за извоз. Од кабинетот на министерот велат дека едно од остварливите барања ќе биде исплатата на субвенциите да не зависи од долгот кон Водостопанското претпријатие, кое им испорачува вода за наводнување.
Викторија Димитрова Јованова