Наместо „купувам домашно“, државната помош од 6.000 денари за ранливите категории граѓани стана купувам што сакам. Наместо граѓаните парите да ги трошат преку картички, овојпат ќе може да ги вадат во кеш и да си ги трошат за какви што сакаат производи и услуги. Владината мерка вредна 27 милиони евра која требаше покрај граѓаните да ги појача и домашните компании, од најавата до реализацијата претрпе суштински измени. Граѓаните збунети. Чекаат во редици пред банките и мака мачат да дојдат до информации.
Надлежните иако претходно тврдеа дека парите ќе се трошат исклучиво за домашни производи, а уверуваа и дека ќе можат тоа да го проверуваат, сега без конкретен одговор зошто во од се менуваше антикризната мерка. Сепак убедуваат дека тоа ќе ја покачи приватната потрошувачка и продажбата на домашни производи. Но, не прецизираат како. А тврдат и дека има заштитни механизми и контрола.
Додека некои граѓани се гужваат пред банките, други мака мачеа да докажат дека треба да добијат 6.000 денари помош, а ги нема на списокот. А системот не им ги прифаќаше приговорите. Тука беа и самохраните родители.Министерката Шахпаска, вели 5.700 самохрани родители треба да добијат помош, ако ги нема сега на списокот, ќе бидат во план за новите мерки до година.
Помош од 6.000 денари легна на трaнсакциските сметки на самохраните родители, децата без родители, пензионерите со пензии под 15.000 денари и кај пасивните невработени. Мерката треба да опфати околу 300.000 граѓани. Поради одолговлекувањето пак на мерката – во списоците се најдоа и лица кои само неколку денови пред 27 септември се пријавија во евиденција на пасивни невработени. А помош легна и на сметки на починати пензионери. Парите ќе ги трошат нивните наследници.
Александра Филиповска