Вести Македонија

Угостители на директорски места во затвори- Хелсиншки и законот бараат искусни професионалци да ги водат казнено-поправните институции

Компетенции и исполнување на законските норми за искуство во струката- бара Хелсиншкиот комитет за човекови права кога владата ги избира директорите на затворите во државата. Реакцијата доаѓа откако за директор на затворот Шутка владата го назначи Филип Андов, поранешен советник на премиерот Заев за политики за град Скопје. Медиумите објавија сомнежи за кривично досие на Андов, како и за неговото бизнис угостителско искуство- додека од владата велат тој е вршител на должност до избор на редовен директор. Според информации на Телма уште еден директор на затвор раководи и со сопствен угостителски објект.

Додека се подготвува примопредавањето на функцијата директор во затворот Шутка, за владиното решение да го назначи Филип Андов, кој е поранешен советник на премиерот Заев за град Скопје- реакција од Хелсиншкиот комитет. Се наведува дека на вакви позиции треба да се поставуваат стручни луѓе со искуство во затворската проблематика за заштита на човекови права,  а не луѓе кои се занимаваат како што објавија медиумите со угостителство.

-Се отвора прашањето дали компетенциите на новоизбраните директори одговараат на висината на задачата, а тоа е раководење со една од најголемите казнено-поправни установи и со единствената воспитно-поправна установа во државата. Лицата кои раководат со овие установи мора да имаат претходно искуство во областа на извршувањето на санкциите. Тие мора добро да ја разбираат проблематиката за да ја застапуваат установата, да се грижат за унапредување на правата на притворените и осудените лица, да одлучуваат за нивните погодности и обврски, за нивниот третман и работен ангажман со цел ресоцијализација и нивна понатамошна социјална интеграција во општествениот живот, рече Ина Џугуманова од Хелсиншки комитет за човекови права.

Од МВР и од владата засега не одговараат на медиумските написи дали Андов имал и проблеми со кривичниот законик. Министерот Спасовски на прашањето на Телма истакна дека тој не е дел од владината кадровска комисија, иако го објасни начинот на изборот на директори на владина седница.

-Кадровската комисија го утврдува предлогот кој се испраќа до влада и на седница се гласа по предлогот. За други информации побарајте од прес служба на владата, истакна Оливер Спасовски, министер за внатрешни работи.

Од владата на прашањето за Андов не одговараат конкретно туку дека тој, но и други кадровски назначувања се само привремени „вршител на должност“ решенија до избор на нови директори во законскиот, ама ретко почитуван рок од 6 месеци.

Став на влада на РС Македонија:  

-На овие одлуки им претходи исцрпен процес на интервјуа и разговори за да се идентификуваат и прифатат соодветни кадровски предлози кои ќе ги исполнат критериумите и обврските што произлегуваат од усвоена владина програма, и кои се пред сѐ стручни и компетентни во областите за кои се именуваат. За сите позиции за кои се назначени в.д. директори ќе следат огласи со цел избор на директори со целосен мандат.

Според информациите на Телма, Андов не е единствениот директор на затвор кој има угостителско досие, уште најмалку еден директор покрај затвор раководи и со кафуле. Примерот е во внатрешноста на Македонија.

Експертите и антикорупциската комисија и натаму апелираат и бараат стручни решенија избрани на конкурси, но во пракса и натаму партиската припадност е најчест критериум за да некој стане вршител на должност директор, по што стручните кадри избегнуваат да се кандидираат на конкурсите знаејќи го главниот кандидат за редовен директор.

Миомир Серафиновиќ

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Заменик градоначалникот на Прилеп со своја верзија за решението за дивоградба утврдена на негов објект- Антикорупциска испитува дали има судир на интереси

Дејан Дејан

Деребан: Одлуката на Управниот суд е конечна и правосилна, по неа треба да постапат Собранието и Судскиот совет

Дејан Дејан

„Класифицирани информации“- одговор на МВР на прашања за полициската контрола во Пулс кога се случи пожарот

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе