Македонската фудбалска репрезентација ги доби ривалите во квалификациите за Светското првенство во Катар во 2022 година. Ќе се сретнеме со добро познати ривали од минатото, но за прв пат во историјата ќе ги одмериме силите со четирикратниот светски првак Германија.
Денешната ждрепка во Цирих, Швајцарија не смести во рамки на групата Ј, каде очекувано главен ривал за првото место и директен пласман на Мундијалот е Германија. Досега во историјата на нашата фудбалска репрезентација не сме се сретнале со оваа селекција. Останатите репрезентации се ривали против кои можеме сериозно да се бориме за второто место во групата и пласман во баражот. Од вториот квалитативен барабан ја добивме Романија со која имаме одиграно пет натпревари со скор од една победа и четири порази. Потоа со Исланд имаме две победи, реми и еден пораз од четири натпревари. Најмногу натпревари имаме одиграно со Ерменија со која се сретнавме и во последните две изданија на Лигата на нации и имаме скор од четири победи, исто толку порази и две ремија. Последниот ривал во групата е Лихтенштајн со кого имаме само едно реми и 8 победи, меѓу кои и онаа историската од 1-11.
Мундијалските квалификации започнуваат 24 март и ќе траат до 16 ноември 2021 година. Потоа во март 2022 година ќе се играат баражите. Светското првенство во Катар за прв пат во историјата нема да се игра во летен период, туку ќе се одржи од 21 ноември до 18 декември 2022 година.
ГРУПА А: ПОРТУГАЛИЈА, СРБИЈА, Р. ИРСКА, ЛУКСЕМБУРГ, АЗЕРБЕЈЏАН
ГРУПА Б: ШПАНИЈА, ШВЕДСКА, ГРЦИЈА, ГРУЗИЈА, КОСОВО
ГРУПА Ц: ИТАЛИЈА, ШВАЈЦАРИЈА, С. ИРСКА, БУГАРИЈА, ЛИТВАНИЈА,
ГРУПА Д: ФРАНЦИЈА, УКРАИНА, ФИНСКА, БИХ, КАЗАХСТАН,
ГРУПА Е: БЕЛГИЈА, ВЕЛС, ЧЕШКА, БЕЛОРУСИЈА, ЕСТОНИЈА,
ГРУПА Ф: ДАНСКА, АВСТРИЈА, ШКОТСКА, ИЗРАЕЛ, ФАРСКИ ОСТРОВИ, МОЛДАВИЈА
ГРУПА Г: ХОЛАНДИЈА, ТУРЦИЈА, НОРВЕШКА, ЦРНА ГОРА, ЛЕТОНИЈА, ГИБРАЛТАР
ГРУПА Х: ХРВАТСКА, СЛОВАЧКА, РУСИЈА, СЛОВЕНИЈА, КИПАР, МАЛТА,
ГРУПА И: АНГЛИЈА, ПОЛСКА, УНГАРИЈА, АЛБАНИЈА, АНДОРА, САН МАРИНО
ГРУПА Ј: ГЕРМАНИЈА, РОМАНИЈА, ИСЛАНД, МАКЕДОНИЈА, ЕРМЕНИЈА, ЛИХТЕНШТАЈН