Затворениците нема каде да избегаат – ниту од своите одделенија, ниту пак од невидливиот непријател, Корона вирусот. Го има дури и каде што „пиле не смее да прелета“.
Заразата во одделенијата и кај затворениците најверојатно ја прошириле токму оние коишто работат во затворот. Така барем претпоставуваат одговорните лица коишто информираат за бројка од 13 позитивни затвореници и петпати повеќе луѓе во изолација поради контакти со нив – шеесетина на број.
Позитивните се распоредени во посебно крило, а посебно и оние коишто се изолирани. До нас стигнаа поплаки токму од крилото каде што се сместени заразените затвореници.
Едниот од нив едвај дошол до телефон за да се јави во Телма и да раскаже дека се сместени во ужасни услови, а не успеал да обезбеди и фотографии. Таму се сомневаат дека воопшто имаат Ковид затоа што немале никакви симптоми сите коишто се таму.
Овде сме петнаесетмина и сместени сме во поранешното приемно одделение. Би сакале да можете да видите во какви услови сме сместени. Катастрофални се и не веруваме дека сме позитивни затоа што ниту еден од нас нема никакви симптоми. Кога ни мереа температура дури кај некој покажуваше 36 степени па мораше и по неколку пати да ни мерат за да може да се наштима дека сепак треба да сме изолирани од останатите затвореници, ни изјави затвореник од К.П.У „Идризово“.
Има доста лица позитивни помеѓу вработените во затворот и друг начин како да се пренесе вирусот речиси и да нема, за Телма велат од Управата за извршување санкции.
Позитивните затвореници се со лесна клиничка слика и под терапија.
„Се врши редовна дезинфекција со средства, се користи заштитна опрема меѓутоа за жал вирусот е веќе навлезен во „Идризово“. Претпоставуваме дека трансмисијата на вирусот потекнува од вработените бидејќи го имаме предвид фактот дека од 18 ноември е на сила забраната за користење на какви било погодности, односно: викенд отсуства, домашни отсуства, надворешни групи, а во овој момент има и забрана за посети. Во овој момент за среќа немаме некои лица со поизразени симптоми или во животозагрозувачка положба“ вели Марјан Спасовски, директорот на Управата за извршување санкции.
55 проценти од затвореничкото население во Македонија е сместено токму во најголемиот затвор „Идризово“ па оттука и нормално е оваа установа да има најголем проблем со Ковид, заклучуваат од Управата за извршување санкции.
Петар Догов