Од владината служба за односи со јавност соопштија дека меѓу премиерите на Австрија и РС Македонија е остварена комуникација во врска со вчерашниот терористички напад во Виена за што осомничен како извршител е 20-годишниот Кујтим Фејзулаи кој имал двојно државјанство (и македонско и австриско, каде е роден).
Уште двајца македонски државјани се водат како осомничени.
-Остварена е и директна комуникација меѓу премиерите Заев и Курц. Премиерот Курц изрази благодарност до премиерот Заев за искажаната солидарност и поддршка. Премиерите изразија подготвеност да ја продолжат комуникацијата и соработката во врска со терористичкиот напад доколку австриските служби утврдат таква потреба, соопштија од владината служба.
-Мора да бидеме свесни дека ова не е конфликт меѓу христијаните и муслиманите нити конфликт меѓу Австријците и мигрантите. Не, ова е битка меѓу многу луѓе кои веруваат во мир со оние малкумина кои сакаат војна. Ова е борба меѓу цивилизацијата и варварството, и ние ќе ја водиме оваа борба со целосна решителност, истакна австрискиот канцелар Себастијан Курц на обраќањето во владата во Виена по повод одлуката за тридневна жалост.