На изборно Собрание на Асоцијација на Архитекти на Македонија , избрано е ново раководство. За нов претседател на Управниот Одбор на ААМ, избран е проф. д-р Мишко Ралев, архитект и актуелен Декан на Факултетот за архитектура и дизајн, при Универзитетот „Американ Колеџ“ во Скопје.
- Асоцијацијата на архитекти е здружение кое има суштинско значење, во секоја смисла на зборот и во својот домен на работа е директно поврзано со архитектурата и делата на архитектите. Оттука, како што всушност архитектурата меѓу другото значи и поврзување, релација со луѓето и општеството, ќе ни биде од суштинско значење во континуитетот со менаџирањето со ААМ. Или, отворени за јавноста за сè она што значи исполнување на простор во архитектонска смисла е премисата по која ќе одиме напред. Имаме старо нов Управен одбор, од кој очекувам да продолжи интензивно и посветено да работи на унапредување на контактите и врските со јавноста, со политичкиот естаблишмент, со локалната самоуправа и со надлежните Институции во правец на отвореност за дебата, конструктивност и критики кои се неопходни во донесувањето точни одлуки кои се однесуваат на исполнување на просторот.“, истакна новиот претседател на ААМ, Мишко Ралев.
За претседател на Собранието на ААМ, избрана е Искра Јанковска Михајловска, архитект од Скопје. А, за членови на Управниот Одбор на AAM се избрани архитектите: Александар Радевски, Иван Арсовски, Бесиан Мехмети, Јана Гугулоска-Ѓорѓевиќ, Марта Илиевска и Мартин Деловски.
Досегашниот претседател на У.О., архитект Мартин Пановски се заблагодари за довербата од членството и потенцираше дека со голема чест и задоволство ја предава функцијата на новиот претседател, со верба дека и натаму Асоцијацијата ќе биде двигател и промотор на архитектонските вредности во нашата држава.
Согласно мерките пропишани од надлежните институции и органи на Република Северна Македонија, за одржување на ваков тип настани во време на Ковид-19, Собранието се одржа на отворен простор- во дворот на Архитектонски факултет – Скопје.