Вести Економија Македонија Топ вести

Ковид кризата ги направи сиромашните уште посиромашни

126 денари на ден за да преживеат- толку пари на располагање имаат вкупно 475.000 граѓани во земјава кои се сметаат за апсолутно сиромашни. Пандемијата со корона-вирусот втурнала во сиромаштија нови 25.000 лица, а 100.000 граѓани од сиромашни станале уште посиромашни – покажува  истражувањето на Finance Think. Од Институтот алармираат дека корона-кризата најмногу ќе ги удри токму на најсиромашните, а бројките дополнително ќе растат ако има нови рестрикции до крајот на годинава.

„ Како полседица на пандемијата релативната сиромаштија во земјава ќе се зголеми за 1,2 процентни поени, што значи дека нови 25 илјади лица ќе бидат втурнати во релативна сиромаштија. Додека апсолутната сиромаштија која што се дефинира како живот со помалку од 5,5 долари на ден (според паритет на куповна сила односно 126 денари на ден.)  ќе се зголеми за високи 5,5 процентни поени, што укажува дека нови 100.000 лица ќе живеат со помалку од 5,5 долари на ден“ – вели Деспина Туманоска – Finance Think.

Стапката на сиромаштија во земјава ќе се искачи на 23,7 проценти. Анализата покажала дека ако според последните бројки 375.000 лица биле апсолутно сиромашни со под 5,5 долари или според паритет на куповна сила 126 денари на ден, поради корона-кризата бројот пораснал на 475.000. Односно  се изедначил бројот на лицата во релативна и апсолутна сиромаштија. Додека пак во екстремна сиромаштија, или со под 50 денари на ден живеат 85.000 лица. Дел се спасиле со владината мерка со која се олеснија критериумите да влезат во системот на Гарантирана минимална помош.

„Заклучно со јули 2020 година со системот на Гарантирана минимална помош влегле нови 6.700 домаќинства каде живеат околу 15.000 лица, што значи дека потенцијалот на мерката е искористен до најмногу 65 проценти. Тоа значи дека мерката има потенцијал да извлече од екстремна сиромаштија дополнителни 9.000 лица кои во моментов претпоставуваме дека не се доволно информирани“ – Деспина Туманоска – Finance Think.

Од Институтот и предлагаат на Владата информациите за олеснетите услови за добивање на Гарантиран минимален доход да стигнат токму до најсиромашните, и тие да траат и цела 2021 година.

И покрај поразителните бројки, премиерот Заев во обраќањето по повод Светскиот ден за борба против сиромаштијата, вели направиле многу, но ќе прават и уште за да ги заштитат најранливите.

„Во кризата се познава грижата, а ние не дозволуваме никој да остане незгрижен. Борбата со сиромаштијата е заедничка, и заедно ќе ја водиме, се додека не обезбедиме подобар живот за сите“. – вели Заев.

ВМРО – ДПМНЕ пак ја обвинува власта за енормно зголемување на сиромаштијата. Повикувајќи се на прогнозите на Светска банка дека сиромаштијата годинава ќе достигне 23 проценти велат – на светскиот ден за борба против сиромаштијата СДСМ може да се пофалат со над 450 илјади граѓани на раб на егзистенција.

 

Александра Филиповска

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Врзан за бандера бара правда и помош за настраданите во Кочани

Дејан Дејан

Трошановски: Сè уште е доминантно расположението на граѓаните за ЕУ, сè помалку веруваат дека реформи би нè донеле таму

Дејан Дејан

Таткото Спасески се жали дека мајката го попречува да го види неговиот син

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе