Шест медицински сестри од Здравствениот дом во Битола, кои биле вработени по оглас во 2018 година, останаа без работа затоа што судот ја поништи одлуката за нивниот избор, по тужба на медицинска сестра која не била примена.
На огласот Здравствениот дом барал 9 медицински сестри, а се јавиле 62 кандидати.
Тужителката иако била седма на ранг листата не била примена, а само двајца кандидати од оние кои ја добиле работата имале повеќе бодови од неа.
Потоа било извршено тестирање и интервју со кандидатите.
Незадоволна од ваквата одлука на Здравствениот дом во Битола, таа поднела тужба до Основниот суд во Битола наведувајќи дека е направен незаконски избор.
Судот во март делумно ја поништил одлуката за избор на кандидати од 4 до 9 место на ранг листа.
„Работоводниот орган донесува одлука за избор во рамките на ранг листата, аоваа постапка е безусловно поврзана со одредби од Законот за вработени во јавниот сектор и Законот за здравствена заштита. Овие два закони упатуваат на тоа дека оној кој одлучува е должен да ги избере најстручните и најкомпетентните кандидати за работното место за кое го распишало огласот“, пишува во пресудата на Основниот суд од Битола донесена во март годинава
Здравтсвениот дом до Битола се жали на ваквата одлука до Апелациониот суд и во жалбата наведува дека целата постапка е законски спроведена.
“Спроведена е транспарентна, фер и конкурентна постапка и изборот е направен во рамките на ранг листата и по спроведеното интервју. Со тоа се почитувало дискреционото право на работоводниот орган да го изврши изборот не само врз основа на тестираните резултати, туку и врз основа на оценување на кандидатите, бидејќи само со интервју, а не од компјутер може да се знае кој од нив е најсоодветен да ги извршува работните задачи” – наведува во жалбата Здравствениот дом до Битола
За Апелациониот суд ваквата жалба е неоснована и ја потврдува пресудата на Основниот суд огласот делумно да се поништи, па 6 сестри остануваат без работа, токму во период на пандемија со КОВИД-19, кога во здравството има недостиг од кадар.
И министерот за здравство Венко Филипче, денеска го потврди слуачјот, но вели одлуката е на судот, а не на здравствениот дом.
Емилија Мисирлиевски