Ковид19 Македонија

Во време на пандемија дуплирање на цените за базен – обвинуваат родители и спортски работници

Владата во време на пандемија донесе уредби да нема покачување на цени, а некој некаде донесе одлука токму тоа да го направи и да удри по џебот на граѓаните – обвинуваат родители на деца коишто тренираат пливање и работници од овој спорт.

На нивен удар е „СЦ Борис Трајковски“ односно базенот таму кој е најмодерен и со најсоодветни услови во земјава.

Наташа Мешковска, стручен соработник во пливачкиот спорт и универзитетски професор – тврди дека станува збор за самоволие на директорот на салата кој е поставен од Владата и бара итно поништување на одлуките.

Освен поскапувањето, со новите одлуки на менаџментот – дури и репрезентативците кои бесплатно тренирале таму сега двојат од својот џеб.

Ова е фактура од 12 месец 2019 година, и цената е 100 денари, а фактурата изнесува 37700 денари. Во време на пандемија за месец на септември, стои 125 денари влез наместо 100 денари, 75 денари влез за репрезентативец и крајната фактура е 103 илјади денари, вели Наташа Мешковска, Стручен соработник во пливачкиот спорт.

Ја прашавме Мешковска како ќе постапат незадоволните од одлуките на менаџментот на „Борис Трајковски“.

Според нејзините информации, иницијативата за административно поништување на сите одлуки донесени во време на пандемија ќе ја поддржат сите пливачки клубови.

Ќе има официјален допис од Пливачката федерација, ќе има официјален допис и од Градскиот пливачки сојуз каде што сите клубови ќе ја поддржат оваа иницијатива. Потрудете се подобро да го менаџирате базенот, анимирајте ги градинките, донесете ги најмалите да пливаат, дечињата од прво и второ одделение, направете пакет понуди за компаниите. Наполнете го базенот, а не да правите рекет на пливачките клубови, вели Мешковска.

На реакциите има одговор и од менаџментот. Велат дека одлуки се носат со согласност на пливачките клубови. Пливачките клубови самите побарале да не плаќаат патека, туку да плаќаат од дете за влез во базенот.

Убедливо сме со најниски цени во споредба со другите базени. Секој пливачки клуб во месец јуни доби договор којшто без никаков проблем го потпишаа. Зошто потпишале кога не им одговара? Во однос на репрезентативците – и Кошаркарската федерација и Ракометната федерација, за секој искористен термин плаќаат. Се трудиме да имаат најдобри услови за користење и  не знаеме зошто Пливачката федерација да не плаќа во услови на коронавирус кога трошоците за пливачкиот базен се огромни, велат од СЦ Борис Трајковски.

Од „Борис Трајковски“ не се информирани дека пливачките клубови подготвуваат некаков допис и очекуваат да видат дали ќе добијат такво нешто на нивна адреса.

Три до четири деца е препорачаната бројка од страна на менаџментот на базенот околу тоа колку деца да бидат во една пливачка патека во исто време. Доколку има некакво пречекорување тогаш пливачките клубови одговараат пред надлежен инспектор и во понатамошна постапка.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Уште еден „Марш за ангелите“ попладне во Кочани

Дејан Дејан

„Бајач“ од Трубарево измамил брачен пар од Берово за 400.000 евра

Дејан Дејан

Сторија од Преспа: Природата не е депонија!

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе