Без драматизирање, да и се остави на дипломатијата да работи, а Европската унија ќе направи се што може Македонија да ги почне преговорите до крајот на годината. Вака еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеи, ги коментираше бугарските условувања на стартот на преговорите со земјава, велејќи дека е во интерес на двете земји да се постигне решение.
„Без постигнување на взаемно разбирање по овие прашања би било многу тешко да се оди напред. Сметам дека сега е време да се постигне решение.
И секако, ако можеме да бидеме од помош во овој процес, ние ќе го направиме тоа. Не е неможно. Не би драматизирал многу околу ова прашање, но секако тоа е многу сериозно прашање“, изјави Вархеи.
Тој рече дека има информации дека и од двете земји постојат заложби и работата на решавање на проблемот, на што пак во прилог оди најавената посета на шефот на дипломатијата Бујар Османи в петок на Софија, каде единствена точка на дневниот ред му е средба со колешката Екатерина Захариева.
Вархеи денеска не одговори дали бугарските барања, со оспорување на македонскиот јазик, го крши основниот постулат на ЕУ за самоопределување, но рече дека за преговорите за земјава е потребна е согласнот од секоја земја поединчено и дека се работи на тоа.
Тој побара трпение и да и се остави на дипломатијата да работи, со надеж дека по примерот на Преспанскиот договор и со Бугарија ќе може да биде постигнат договор.
Вархеи кој дојде во земјава лично да и го врачи новиот Извештај за напредокот на земјава и да го презентира економскиот пакет на ЕУ за регионот од девет милијарди евра, кој треба да го смени на подобро регионот во делот на економијата, животната средина, енергетските и дигиталните можности.
„Секако бидејќи ова понуда, доаѓа со услов, условот е дека ќе бараме да испорачате реформи… Ние треба да видиме брзо работа и тоа ефективна работа на терен кога станува збор за владеењето на правото, за борбата против корупцијата, за сите реформи поврзани со владеењето на правото, како во судството, обвинителството. Потребни ни се резултати“, рече Вархеи.
Вархеи денеска освен што се сретна со премиерот Зоран Заев и ручаше со претседателот Пендаровски, се обрати и пред македонските пратеници на кои им пренесе дека Унијата чека на Македонија и им порача дека тие се клучни во обезбедување на независност на другите видови власт.
Вархеи неколкучасовната посета на земјава ја заврши со средба со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, закажана на скопскиот аеродром.
Тамара Грнчароска