Uncategorized Култура

Скопскиот џез фестивал со концерти во живо, онлајн и на тв

Годинешниот, 39-ти по ред Скопски џез фестивал, ќе се одржи во својот стандарден термин, од 14-17 октомври. И покрај евидентните предизвици, поради бројните ограничувања што ги донесе кризата со коронавирусот, подготовката на програмата го имаше императивот за сочувување на високиот интернационален карактер на фестивалот и традицијата тој да го нуди најдоброто од џезот и импровизираната музика. Познати изведувачки имиња од Европа и Македонија ќе одржат концерти во живо во салата на Националната опера и балет, соопштуваат од СЏФ.

Фестивалот ќе го отвори, премиерно кај нас, дуетот на двете балкански ѕвезди Влатко Стефановски и Теодосиј Спасов. Од Македонија учество ќе земат: специјалниот фестивалски проект на Тони Китановски и неговиот „мал биг-бенд“, триото на Сашо Поповски со концертна промоција на новиот албум, како и сосема новата формација на Светлост + Одрон Ритуал Оркестра.

Од Шпанија доаѓаат водечкиот фламенко гитарист Чикуело и не помалку реномираниот пијанист Марко Мезкида, од Австрија, култните Радиан, а од Хрватска, пијанистот Матија Дедиќ, кој ќе одржи соло рецитал со музиката на неговиот славен татко. Фестивалот ќе го затворат легендарните француски браќа Стефан и Лајонел Белмондо со својот квинтет.

Со цел одржување на традиционалните врски на фестивалот со американските и норвешките џез музичари, кои овојпат не можат да патуваат надвор од своите земји, потврден е онлајн стриминг на три ексклузивни концерти што ќе се случат во Њујорк и Осло, специјално за Скопскиот џез фестивал. А ќе настапат триото на Вилијам Паркер, со Ава Мендоза и Џералд Кливер, дуетот Крис Дејвис / Ингрид Лауброк и големиот ансамбл на Тригве Сеим.

Фестивалот ќе се реализира во согласност со протоколот за одржување на концерти во затворен простор, што практично значи дека во салата на Националната опера и балет ќе бидат дозволени само 220 седишта. Притоа, обезбеден е, за првпат, директен телевизиски пренос на сите концерти на националниот сервис на Македонската телевизија што, пак, ќе го направи фестивалот достапен на целата публика во земјата. А, ќе има и бесплатен онлајн стриминг на сите концерти , за достапност на СЏФ низ светот.

Програмата на СЏФ годинава вклучува и промоција на две нови ЦД-изданија на SJF Records: петтата албумска објава на Сашо Поповски Трио и првенецот на групата Next To Silence. Во рамките на фестивалот ќе биде доделена и наградата „Златен Орикс“ за најдобар млад џез-музичар во 2020 година.

Сите детали за програмата на фестивалот и изведувачите се наоѓаат на веб-страницата www.skopjejazzfest.com.mk. Влезните билети за фестивалот ќе се продаваат само онлајн, почнувајќи од овој вторник.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Почина Доналд Сатерленд- канадското уметничко засилување на холивудскиот филм

Дејан Дејан

„Вин-Вин“ (20.06.2024) Коалициски апетити или реформски резови, европска деблокада или тивка изолација

Дејан Дејан

Неизложени дела на Глигор Чемерски во МКЦ

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе