Достапност на сите информации од јавен карактер за медиумите и граѓаните и контрола на транспарентноста околу службените трошоци и сработеното се двете клучни задачи кои ќе ги има Националниот координатор за добро владеење и транспарентност, Роберт Поповски, кој беше именуван од Владата на седницата одржана во вторникот. Станува збор за нова функција, во екот на најавите на Владата за кратенење и спојување на државни институции, агенции и инспекторати, функција која предизвика полемики во јавноста.
Поповски, кој беше и министер без ресор задолжен за коминикации, отчетност и транспарентност, сега ќе го координира спроведувањето на Стратегијата за транспарентност и Кодексот за етичко однесување.
Фокусот ќе биде соработката со Комисијата за слободен пристап до инфромации од јавен карактер.
„Воспоставување партнерски однос помеѓу Владата и Комисијата со цел редовно споделување на податоците за (не)постапувањето на органите кои, одговараат пред Владата и функционери да можат да бидат повикани на одговорност од Владата и Собранието. Воспоставување механизми преку кои Владата ќе контролира дали министерствата и самостојните државни органи кои одговараат пред Владата доставуваат годишни извештаи до Комисијата“, велат од владата.
Ова се дел од приоритетите на Поповски кои Владата ги достави во одговор до Телма.
Покрај тоа, задолжение на новиот национален координатор е да се погрижи сите функционери два пати годишно да достават податоци за службените трошоци и да ги објавуваат сите извештаи за работење, планови за работа, ревизорски извештаи, списоци на вработени и завршни сметки.
Во Владата има 10 национални координатори и двајца заменици. Меѓу координаторите има и политичари како Павле Трајанов и Стојанче Ангелов но и стручни лица во областа која ја покриваат како Маја Мојсова, Владимир Пивоваров, Спасе Додевски или Борче Петревски. Кои се нивните работни задачи и што точно сработиле јавноста или малку знае или пак воопшто не е запознаена со исклучок на националниот координатор за трансплантација, Маја Мојсова, која досега спаси неколку човечки животи посредувајќи при донирањето на органи.
Огнен Чаначаревиќ