Настрадаа стебла, а потоа и полицајци од ударот на крадците на дрва. Острите пили за сечење ги замениле со други орудија што ги носат со себе за да ја пустошат шумата и удриле по униформирани лица кои не смеат да замижат пред купот стебла нелегално натрупани едно врз друго во камионите за превоз. Групата од петмина полицајци од Полициското одделение во Чашка правеле редовна патрола во близина на селото Степанци, на повеќе од 40 километри од центарот на Велес. На непристапен терен каде што едвај допира и комуникациски сигнал, не можеле ни да претпостават дека ќе имаат толку блиска средба со оние по коишто трагаат секое попладне, во густите шуми.
Двајца потешко повредени полицајци и тројца на домашно лекување е билансот од крвавата тепачка предизвикана од трипати побројните дрвокрадци.
Приведени се четворица од вкупно четиринаесет дрвокрадци. И другите десет се идентификувани, но за нив се уште се проверува каков удел имале во тепачката. Кој е директно инволвиран – ќе биде приведен од страна на колегите на претепаните полицајци.
Брза реакција имаа и од Независниот синдикат на полицијата. Бараат заострување на казнената политика против напаѓачите на полицајци, бидејќи чуварите на јавниот ред и мир не смеат да бидат удрени, додека си ја работат работата – е нивниот став.
Петар Догов