39.000 нови невработени брои списокот на Агенцијата за вработување за само за шест месеци за време на корона-кризата. Така заклучно со август во земјава имало речиси 145.000 невработени кои активно бараат работа, за разлика од февруари, кога бројот на невработени изнесуваше речиси 106.000 лица. Но, од Агенцијата за вработување пресметале дека иако бројката се искачи за 39.000 лица, сепак само 12.580 лица добиле отказ како дирекна последица од корона-кризата.
На датум 31.08 2020 година 12.580 лица од евидентираните невработени имаа престанок на работен однос после ковид кризата односно од 11.03.2020. Со тоа што би сакала да напоменам дека имаме прилив, меѓутоа некои од нив и се вработуваат. Значи не остануваат сите долго на евиденција, вели Јовановска.
Според Јовановска, другите лица на нивниот список биле резулатат на новата регулатива и владините проекти кои се во тек. А вкупната бројка пораснала и од лицата кои се вратени од странство, и тие кои се пријавиле како невработени за да користат платежни картички за помош од државата.
Еден таков проект е младинската гаранција каде што младите лица до 29 години со поддршка на невладиниот сектор на младинските организации ги повикуваме да се пријават во Агенцијата за вработување за да учествуваат во проектот младинска гаранција. Имаме 17.236 лица до 29 години кои што прв пат се пријавија. Исто така со новиот закон за социјална заштита се повикаа сите членови на семејството на носителот на социјална помош да се пријават во АВРМ, изјави Јовановска.
Најголем дел од отказите биле во преработувачката индустрија, трговијата и објекти за сместување и сервисни дејности со храна. На 45 проценти од работниците им истекол договорот за определено време и не им бил продолжен, а 23 проценти станале невработени преку спогодбен отказ.
Бизнисот веќе алармираше дека подготвува нови откази, ако итно не се донесе новиот сет мерки за помош на компаниите. Стравуваат дека не очекува нов ударот од Ковид 19 со кој последиците по економијата ќе бидат уште поголеми.
Александра Филиповска