Ако газда на приватна компанија е Албанец и одлучи да вработи Македонец, за тоа ќе добие субвенции од државата, исто и ако газда е Македонец кој работно ќе ангажира Албанец во својата компанија. Вработувања по етнички клуч со државни субвенции сепак ќе има и во приватниот сектор, најверојатно од наредната година. Министерот за економија Бектеши е дециден – тоа е дел од владината прогрма, и нема отстапки од неа.
Тоа значи дека сите компании што се основани и раководени од Албанец ако во неговата приватна компанија вработува Македонец тогаш ќе биде поддржан од страна на Владата, а тоа ќе биде направено на инклузивен начин и граѓаните да се доближат што повеќе. Оваа мерка ќе се реализира зошто е обврска што произлегува од владината програма што е усвоена во Собранието на Северна Македонија и нема отстапка од владината програма – изјави Бектеши.
По бурните реакции во јавноста и контрадикторните изјави – ќе има или не етнички вработувања со државни пари и во приватниот сектор, Бектеши вели дека ќе бара пари за тоа да се обезбедат за идната година.
Ако ме прашате мене како министер за економија секако дека ќе ги направам најголемите напори за таа мерка да почне да се реализира и тоа ќе барам од страна на Владата со донесувањето на предлог – буџетот за наредната година такви средства да бидат предвидени.- изјави Бектеши.
Топката прв ја фрли Артан Груби, првиот заменик на премиерот. Се пофали со успехот на ДУИ , Владата да дава пари за фирмите да ангажираат Албанци. Потоа се дообјасни дека и за вработување на Македонци во Тетово и Гостивар ќе се давале субвенции. Премиерот Заев топката пак ја префрли на таканаречениот регионален пристап – да се ангажираат Македонци со субвенции од Владата, во општините каде тие се малцинство. За разлика од Заев и Губи, за Вицепремиерот Битиќи, професионалноста и стручноста, а не етничката припадност треба да имаат клучна улога и при ангажирање и при субвенционирање на вработувањата.
Граѓаните и бизнисот бурно реагираа на идејата за вработување по етнички клуч и во приватниот сектор со државни пари. За нив е недопустливо власта да се меша во приватниот сектор и да се дискриминираат работниците по етничка основа.
Александра Филиповска