Дел од четвртиот сет на мерки ќе биде познат идната недела, најави министерот за финансии, Фатмир Бесими, но не сакаше да открие што точно ќе содржат и колку ќе ја чинат државата. Рече дека ќе се дизајнираат нови и ќе се подобрат постојните антикризни мерки кој дадоа ефект. Ќе бидат насочени кон зајакнување на ликвидноста и финансиската стабилност на фирмите и за поттикнување на приватната потрошувачка и инвестициите.
Овој, четврт сет на мерки најверојатно ќе доведе и до ребаланс на буџетот иaко е планирано до крајот на годината да нема јавен долг над 60 проценти од БДП. Бесими нагласи дека состојбата во економијата е повеќе од сериозна, до крајот на вториот квартал од годинава, има пад од 12,7% на БДП, а јавниот долг е искачен на 59,5%.
Доколку мерките вродат со плод, следната година се очекува раст на економијата од 4 отсто, покачување на просечната плата за 20 до 30 отсто, како и намалување на невработеноста. Во најава е и изработка на нов закон за ДДВ, со кој ќе им се дадат бенефиции на извозно ориентираните компании и поактивно привлекување на странски директни инвестиции. Традиционалното буџетирање кое се базира на краткорочно ниво на финансирање, ќе се преориентира кон долгорочно.Парите на институциите за проекти ќе се доделуваат согласно резултатите, со што ќе се надминат и нереалните планирања што се влечат со децении наназад.
Далиборка Демјанска Цветановска