Пакетот за проширување на Европската унија во кој е вклучен и извештајот за напредокот на Македонија најверојатно ќе се најде на дневен ред на Европската комисија на 6 октомври. Во календарот за работа на Комисијата 6 октомври е наведен како датум на кој Комисијата ќе дебатира за извештаите за земјите кандидати, но крајниот збор за агендата го има претседателката на Комисијата, поради што овој датум се зема условно. Последниот Извештај за напредокот на змејава на патот кон ЕУ беше објавен во мај 2019, додека во март година беше објавен мини-извештајот за земјава по што беше Европскиот совет донесе одлука за старт на преговори со земјава.
На истиот датум на дневен ред е ставен и разгледување на економскиот и инвестицискиот план за Западниот Балкан.
Во меѓувреме на 8 септември на ниво на работни групи на земјите-членки почна да се разгледува предлог преговарачката рамка предложена од Европската комисија за Македонија. Повикувајќи се на увид во документот за земјава, Радио слободна Европа, објави дека Бугарија доставила забелешки на документот на шест страници, а кои содржат два услови: спроведување во добра волја на билатералните договори, но и Македонија да не инсистира на постоење на македонско малцинство во Бугарија.
Тврдењата за малцинства поттикнати од странство се неприфатливи. Бугарија очекува Република Северна Македонија да ги исполни своите заложби, да ги суспендира гореспоменатите политики навремено да го усогласи своите позиции и активности во меѓународните организации со членот 11 од Договорот и да ја прекине својата практика на инструментализирање на мултилатерални формати и механизми за следење, за да се изврши непотребен притисок врз Бугарија. Ова ќе биде предуслов за добивање на согласност од Бугарија за кој било понатамошен чекор во процесот на интеграцијата, се наведува во меморандумот на Софија.
Бугарија во документот, како што пренесува Радио слободна Европа, оди и подалеку и тврди дека Македонците како нација се проект на Тито, а македонскиот јазик не постоел до втори август 1944 година и се тоа со цел да се подкопа бугарскиот идентитет на населенито во тогашна Социјалистичка Република Македонија.
Создавањето на македонскиот јазик во 1944 година во екс Југославија беше акт на второстепена кодификација основана врз бугарскиот литературен јазик, дополнително збогатен со форми до домашниот говорен јазик, така симулирајќи природен процес основан на дијалекти. Основите на кои е извршена кодификацијата и начинот на кој е спроведена сведочат дека официјалниот јазик кој се користи во Северна Македонија денес може да се смета само за пишана регионална норма на бугарскиот јазик, пишува во меморандумот.
Софија бара нејзините барања да бидат вклучени во поглавјето 35. од преговорите со земјава. Инаку преговарачката рамка за Македонија треба да биде усвоена од земјите-членки за да може да започнат преговорите, кои Германија, како претседавач со Унијата до декември, сака да започнат во нејзиниот мандатат на чело на Европската унија.
Тамара Грнчароска