Слаба хигиена во училиштатата, вклучително и хигиената во тоалетите, брза храна, грицки и слатки, проблеми со загадениот воздух во зимскиот период што ги принудува најголем дел од времето да поминат во своите домови се проблемите со кои децата се соочуваат и за кои сметаат дека можат да бидат подобрени, покажа истражувањето на Првата детска амбасада Меѓаши. Голем број деца сметаат дека иако повеќето нивни врсници имаа слушнато за Конвенцијата за правата на детето, малкумина ја имаат прочитано.
Во ова истражување заедно учествуваа повеќе од 30 ученици во сите фази од истражувањето, од осмислување на прашалникот, до анкетирање на дел од децата во соработка на Филозофскиот факултет со нашиот истражувачки тим. А истражувањето беше направено на примерок на деца од 12 до 17 години од основни и од средни училишта, вели Јорданка Черепналкова – Трајковска, координаторка на СОС телефонот за деца и млади.
Голем број деца велат дека покрај чувството на сигурност дома и во училиште има сфери во кои не се чувствуваат безбедно.
Има значаен дел од децата чии фотографии, видеа и слично биле злоупотребени на интернет, што покажува зголемување на мерките за нивна безбедност не само во нивното физичко опкружување, туку и во сајбер просторот каде што тие поминуваат се повеќе време, вели Васка Бојаџи.
Според истражувањата голем број забелешки се однесуваат за нивните врсници кои живеат во сиромаштија и се препуштени сами на себе, без грижа на надлежните институции и дека најчесто за оваа група деца се обезбедува помош преку хуманитарни акции. 10% наведуваат дека некогаш биле жртва на насилство. Голем е бројот и на оние кои познаваат некој кој бил жртва на насилство. Најчести причини за дискриминација се возраста, полот и финансиската состојба на нивното семејство. Во истражувањето кое е спороведено во периодот јуни јули се опфатени 1077 деца.
Нина Стефанова