Македонските граѓани и бизнисот од април до јуни годинава ја живееле најголемата криза од осамостојувањето на земјава до сега, потврди статистика. Бруто- домашниот производ во вториот квартал бележи пад од 12,7 проценти. Пад кој не е забележан во ниту една криза до сега низ која поминала земјава, освен во еден квартал од воената 2001 година. Најголем годишен пад пак земајава имала веднаш по осамостојувањето во 1992 година, од 13,2 проценти. За експертите падот е очекуван. Според нив иако технички не сме, „ де факто“ земјава е во длабока рецесија.
Поповски очекува годинава да ја завршиме со пад од 3 до 5 проценти на економијата, но под услов да нема нов удар од пандемијата.
Вели најлошото поминало, сега знаме на што сме. Сугерира ново прекројување на буџетот и стратегија за да излеземе со што помали последици од кризата.
Кризата ќе влијае на зголемување на јавниот долг. А за најавениот нов пакет економски мерки на Владата, Поповски вели ќе мора ново задолжување, но тоа ќе не чини поскапо.
Од Институтот Finance Think пак кој го предвиде падот од 12,7 проценти велат затварањето на економијата и ограниченото движење поради ширењето на Ковид 19 ја предизвика најдлабоката индуцирана рецесија на македонската економија.
„Во моментот, Finance Think ја задржува проекцијата за падот на БДП во 2020 на -3.8%, како и во третиот квартал од 2020 на -4.7%. Но, двете проекции се под особено изразени негативни ризици, во целост детерминирани од времетраењето и потенцијалното влошување на кризата предизвикана од Ковид-19.“- оценува Finance Think.
Според статистика финалната потрошувачка на домаќинствата во вториот квартал паднала за 9,9 проценти, а таа учествува во структурата на БДП со 70,6 проценти.
Извозот се намали за 32, а увозот паднал за 30,2 проценти. Удар од корона кризата има во сите сектори, најголем бил во преработувачката индустрија, трговијата и транспортот- од речиси 30 проценти.
Александра Филиповска