Избори 2020 Македонија Најважни

Заев најави Влада посветена на домашните прашања

Една недела пред истекот на крајниот рок, мандатарот Зоран Заев достави до Собранието предлог-програма и состав на новата Влада. Неговиот кабинет треба да има 19 министри – 7 помалку од претходната Влада. Најавува дека ќе се концентрира на домашните прашања поврзани со економијата, судството, здравството, образованието, екологијата и стандардот. Се очекува Владата, зад која стојат 62-ца пратеници, да почне со работа наредната недела, доколку во деновите од викендот заврши собраниската процедура со гласање на мнозинството.

Борба за секое работно место и за секој правен субјект, прочистување на судството, проверка на потеклото на парите и имотот на функционерите, подинамичен економски раст, справување со светската пандемија, добри меѓусоседски и меѓуетнички односи, внатрешна кохезија…Ова се дел од ветувањата на мандатарот Зоран Заев, дадени при поднесувањето на програмата и составот на Владиниот кабинет составен од 19 министри.

Заев верува дека минималната поддршка од 62-ца пратеници е доволна за стабилна Влада.

Мандатарот предлага 11 министри од СДСМ, 6 од ДУИ и по еден од ЛДП и од БЕСА. Ќе има четири вицепремиери: Артан Груби кој ќе го води и Министерството за политички систем, Љупчо Николовски – за борба против корупција, Фатмир Бетиќи – за економија и Никола Димитров – за европски прашања. Оливер Спасовски се враќа во внатрешни работи, Радмила Шеќеринска останува во одбрана, Крешник Бектеши во економија, Насер Нуредини во животна средина, Венко Филипче во здравство а Горан Милевски во локална самоуправа. Бојан Маричиќ треба да биде министер за правда, Благој Бочварски за транспорт и врски, Мила Царовска за образование, Јагода Шахпаска за труд, Ирена Стефоска за култура, Бујар Османи за надворешни работи, Фатмир Бесими за финансии, Јетон Шаќири за администрација и Аријанит Хоџа за земјоделство.

Се очекува изборот на Владата да заврши овој викенд. Веднаш потоа, Заев најави дека ќе го предложи и составот на замениците министри, кој е 90 одсто договорен и ќе ја отсликува етничката и политичка разноликост во земјата.

Соња Николовска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Телото на папата Франциск изложено во отворен ковчег во капелата Света Марија во Ватикан

Дејан Дејан

Пет пациенти од пожарот во Кочани се лекуваат во Македонија, 44 во странство

Дејан Дејан

Синдикатот на културни работници денеска излегува на протест

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе