Обвинителството е запознаено со дивоградбата кај „Мавровка“ информираат оттаму за Телма. Докази се уште се собираат и од СВР Скопје работат на случајот.
Градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу вчера на прес-конференција тврдеше дека општинските инспектори не успеале да го пронајдат инвеститорот на дивоградбата затоа што на терен затекнале само мајстори на градилиштето кои не даваат информации од кого се најмени за работа.
Затоа со ова се занимаваат и од полицијата.
„Се уште се постапува во смисла на обезбедување на сите потребни писмени докази и се преземаат дејствија за утврдување на идентитетот на сторителите на кривичното дело“ велат од Основното јавно обвинителство – Скопје.
И додека инвеститорот останува фантом за институциите, тие си ја префрлуваат одговорноста. Од Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам чекаат општинските инспектори да престанат да ги игнорираат и координирано да отидат во заеднички инспекциски надзор.
„Ние постапивме законски и на 13 јули бевме во контрола во Општина Чаир. Таму како и секогаш нема ниеден надлежен за соработка, да не упати или да добиеме одговор. Сите молчат. Од инспекциски совет исто имаме задача координирано со овластените инспектори да извршиме инспекциски надзор и ние сме подготвени на тоа, но од Чаир немаме добиено одговор“ велат од Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам.
За ваквите тврдења на Државниот инспекторат за градежништво, Телма побара став од Општина Чаир. Без конкретно да одговрат на Инспекторатот тие само посочија дека поддржуваат меѓуинституционална соработка.
„За истиот објект не може да се донесат двa правни акти за уривање. Општина Чаир останува секогаш посветена на меѓуинституционалната соработка“ велат од Општина Чаир.
Деновиве се градеше на просторот, а градежни работи има речиси целиот месец. Табла со информации за инвеститорот нема. Денес, освен столбовите, плочата и градежниот амбиент, друго не затекнавме.
Мајсторите не работеа, а објектот треба да биде урнат најдоцна за една недела.
Петар Догов