Течат роковите за Државниот градежен инспекторат кој треба да утврди дали објектот кој што се гради кај трговскиот центар „Мавровка“ е законски или не. Од Инспекцискиот совет на 16 јули испратиле налог до нив да излезат на терен со градежни инспектори од Општина Чаир и да спроведат заеднички надзор.
Директорот на Државниот градежен инспекторат, Локман Лимани не одговара на повиците, но инспекторите од кај него ќе мораат веќе да привршуваат со надзорот на терен.
„Согласно Законот за инспекциски надзор врз основа на нашиот издаден налог, Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам има рок да излезе на терен односно да го спроведе надзорот три дена по добивање на налогот, а по завршување и затворање на постапката за надзор во рок од пет дена повратно да не извести за сето тоа што е констатирано и евентуално преземено“ изјави претседателката на Инспекцискиот совет, Магдалена Филиповска – Грашкоска.
Први кои дошле на терен да видат што се гради на местото каде што изгоре угостителски објект се комуналните инспектори на Град Скопје. Констатирале градежни работи, но немаат ингеренции за повеќе, па ги алармирале другите институции.
Од Општината Чаир се уште немаме информации дали тие издале решение за градба ниту пак дали нивните служби се во тек околу тоа што се случува пред „Мавровка“.
„Немаме надлежност како Совет да му наложиме и на општинскиот инспектор да излезе на терен, доставивме барање до градоначалникот на Општина Чаир и да определи градежен инспектор којшто заедно со државните инспектори ќе излезат на терен, ќе ја констатираат состојбата и доколку утврдат неправилности соодветно ќе постапат“ изјави претседателката на инспекцискиот совет, Магдалена Филиповска – Грашкоска.
Дали инвеститорот на објектот има дозвола за да гради се уште останува непознато за одговорните институции.
Но, градежните работи на терен и деновиве не престануваат на истото место каде што пред два месеци изгоре познато кафуле.
Петар Догов