Шест месеци од почетокот на пандемијата претседателот на најпогодената земја во светот, САД, прв пат стави заштитна маска. Додека бројот на заболени се приближува до 3,5 милиони од кои повеќе од 137.000 веќе ги загубија животите а невработеноста во земјата потсетува на периодот на Големата депресија, Доналд Трамп постојано ги потценуваше ефектите на пандемијата. Поткопувајќи ги напорите и препораките на сопствените експерти со непотребни коментари, Трамп тврдеше дека нема да носи маска и се потсмеваше со противкандидатот на престојните претседателски избори Џо Бајден затоа што ја носи. Сега тој тврди дека бил погрешно разбран затоа што никогаш не бил против носењето заштитни маски.
Никогаш не сум бил против маските, но верувам дека постои време и место за нивно носење, рече Трамп.
Според Асошиејтед прес причината поради која Трамп одбивал да носи заштитна маска е неговата убеденост дека со тоа би покажал слабост и загриженоста дека со тоа би се фиксирал фокусот на јавноста на здравствената криза, наместо кон економското опоравување. Пример кој ја потврдува оваа констатација е неговата изјава за време на посетата на Флорида, која стана едно од жариштата на вториот бран на вирусот во САД. Наместо за вирусот Трамп зборуваше за резултатите на неговата администрација во борбата против криумчарењето и употребата на наркотични средства.
Како што знаете во САД, барем пред Ковид да дојде кај нас, настинката, вирусот, Кинескиот вирус, наречете го како сакате затоа што има многу имиња, но пред да не погоди имавме одлични резултати. Се уште се добри, но сега пак се враќаме на вистинскиот пат, рече тогаш Трамп.
Бројот на новозаболени во САД секојдневно урива рекорди, вчера беа регистрирани 61.719 а завчера дури 71.787. Од Њујорк, Њу Џерси и Илиниос во текот на пролетта, жариштето на вирусот сега се префрли кај јужните земји. Убедливо најпогодени се Тексас, Калифорнија и Флорида кои веќе две недели бележат по 10-тина илјади новозаболени дневно.
Игор Трајков