Вести Македонија Најважни

Опозицијата обвини дека полицајци на Вибер договарале следење нивни членови – од МВР отфрлаат сè од наведеното

Вибер група со наслов „XXX“, со зачленети над четириест полицајци служела како место каде што се правела координација за следење на членови на опозицијата, обвинија од ВМРО-ДПМНЕ.

Според нивните информации, во неа активни биле и командири, началници и други полициски службеници од Прилеп, кои се договарале да прават проблеми на истакнати опозиционери во предизборието, односно додека во тек беше кампањата пред првиот круг на локалните избори.

Некои пораки кои завршиле испратени во групата, според Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ, се причина и државните органи да поведат истрага.

„Земете му ја колата и убијте го, гласи една од координираните наредби во групата. Информациите нѝ се доставени од загрижени полицајци вработени во МВР, кои не сакале да учествуваат повеќе во истата злосторничка група. Полицајци блиски до Социјалдемократскиот сојуз, одработувајќи за оваа партија формирале злосторничка група за време на изборната кампања чија цел е следење на членови на ВМРО-ДПМНЕ и злоупотреба на службените овластувања, со цел физичко малтретирање и селективно попречување на слободата на движење на луѓе кои не се од Социјалдемократскиот сојуз“ вели Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ.

Од Министерството за внатрешни работи реагираат дека се неточни сите обвинувања за координирање, следење, малтретирање и селективно попречување на слободата на луѓе.

Велат дека тие немаат креирано таква Вибер-група и дека во Прилеп или било кој друг град аткивностите не се координираат преку таква комуникација.

Во групата се споменува и намерно испраќање возила на технички преглед на луѓе од опозицијата, но проверката на статистиката на Министерството покажала дека ниту едно возило не било испратено на конкретниот ден.

„МВР веднаш започнува внатрешна истрага за утврдување на фактите, имајќи предвид дека Вибер-групи или графички прикази од Вибер-групи може да се креираат и изработат во секое време и од секого и имајќи предвид дека до МВР не е пристигната ниту една пријава од граѓанин за дејствија во Прилеп на денот на изборите, какви што беа презентирани на прес-конференцијата“ велат од Министерството за внатрешни работи.

Во меѓувреме и од СДСМ преку соопштение се оградија од било какви нерегуларности за изборите организирани од луѓе блиски до партијата и ги отфрлија сите наводи изнесени на прес-конференцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

И од владејачката партија исто така ги повикаа институциите преку итна постапка да го расчистат овој случај за да се потврди што и дали навистина се случило.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Почнува националната еко акција „Генералка викенд“

Дејан Дејан

Трамп: Изборот на американски папа е „голема чест“ за САД

Дејан Дејан

УНИЦЕФ: „65 до 70 проценти“ од целиот водоводен систем на Газа е оштетен

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе