Секоја пречка што ни ја ставаат на патот, само нè мотивираат повеќе и ни даваат повеќе енергија. Како што направија во законската дупка сега, ние сме многу покоординирани меѓу себе, тие направија една синергија меѓу независните кандидати од цела Македонија, смета Елмедина Абдулахи од „За подобро Тетово“ во вечерашната дебата во „Вин-Вин“ на ТВ Телма.
„Нивната намера е да нè спречи, да губиме кондиција во периодот кога трчаме маратон. Но, напротив, успеавме целата енергија да ја канализираме и заеднички да настапиме и уште поорганизирани. И многу е подруго кога имаш комуникација со луѓе во кои имаш доверба, кои се различни од другите, нормално, политички партии и плус заедничкото дејствување е многу посилно“, порача Абдулахи.
Таа даде и свое видување зошто политички партии не ги сакаат независните и зошто се обидуваат, како што вели, да ставаат сопки.
„Тоа е затоа што ние донесовме една нова култура. Во почеток навистина не бевме интересни за нив, не нè гледаа како закана, бидејќи знаеја дека сме мали. Додека бевме на улица не бевме интересни и на некој начин им помагавме. Но, кога влеговме во институции внатре и кога имавме пристап до информации кои порано не беа достапни за нас, тогаш видоа дека не сме баш толку наивни колку што мислеа и дека ќе може да направиме проблеми“, рече Абдулахи.