Вести Македонија

Се оценува обвинителниот акт за пожарот во Кочани

Предметот за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ е распореден кај совет за оценка на обвинителниот акт, откако вчера стигна на адресата на Кривичниот суд во Скопје по што истиот ќе се достави до одбраната на обвинетите кои ќе имаат осум дена за приговор. Согласно досегашната пракса за големи предмети, а со оглед на фактот дека во случајов обвинети се 34 луѓе и три фирми, процедурата може да потрае за да се исполнат законските одредби.

Сите материјали со два автомобили и полициска придружба беа донесени во Кривичниот суд откако Врховниот суд донесе одлука правдата да се дели во главниот град, бидејќи услови освен што нема во Кочани, нема ни во Штип и Струмица, како судови со проширена надлежност на таа територија. Тоа и денеска го изјави претседателот на Врховниот суд, Африм Фидани образложувајќи ја одлуката зошто на обвинетите ќе им се суди во Скопје.

„Што се однесува до Основниот суд Кочани, каде јас бев исто така одговорен и подобро ги знаев околностите таму, недостасуваат човечки ресурси, пред сѐ судии. Штипска Aпелација направи и анализа за состојбата со другите судови со проширена надлежност на подрачјето на штипска Апелација. Ги анализиравме сите аспекти и ценевме дека најцелисходно би било предметот да се прати во Основниот кривичен суд во Скопје“, изјави Фидани.

Претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски очекува правично и фер судење.

„Очекувам ефикасно и ефективно да се спроведе постапката и да добијат и граѓаните и државата и сите ние да добиеме едно правично и фер судење во кое се надеваме тој што треба да одговара, ќе одговара, ако некој е погрешно обвинет, да биде ослободен“, порача Камбовски.

Инаку на 27 јуни, Врховниот суд ја испрати одлуката до штипска апелација за префрлање на надлежноста на предметот во Кривичниот суд. Потоа беа потребни неколку денови за обвинителниот акт да стигне до крајната дестинација.

Во пожарот кој изби во дискотеката на 16 март загинаа 62-ца главно млади луѓе, додека се повредени 211.

Марија Митевска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Абдулахи: Секоја пречка што ја ставаат политички партии, се мотив и енергија за независните

Дејан Дејан

Пеплоасни 15-на хекари зимзелена и нискостеблеста шума во пожарот кај Кочани

Дејан Дејан

Илиевска: Ако во 2017 година не нè перцепирале нас независните, денес се фокусирани да направат сè да не успееме

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе