Агенцијата за храна и ветеринарство остро реагира на, како што вели, манипулативниот и неточен јавен настап на градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов, поврзан со квалитетот на водата за пиење.
Во соопштението, АХВ појаснува дека судската одлука на која се повикува градоначалникот не се однесува на минатогодишната забрана за користење вода во градот, туку на негрижа кон селските водоводи во пет струмички села.
АХВ ја повикува јавноста да ја разликува надлежноста во градското и селското водоснабдување, потенцирајќи дека Општина Струмица не презела никакви мерки за обезбедување безбедна вода за селата Рич, Попчево, Белотино, Костурино и Вељуса.
Инспекцискиот надзор утврдил дека водата била без резидуален хлор, по што следувала забрана за нејзино користење. Агенцијата поднела прекршочна пријава поради непостапување по решението, а воедно апелира до градоначалникот да биде искрен кон граѓаните и да престане со, како што велат, предизборни манипулации на сметка на јавната здравствена безбедност.