Еврокомесарот за демократија Мајкл Мекграт порача дека Европската комисија нема намера да казнува, но мора да реагира кога се крши владеењето на правото. Во Патоказот за следната повеќегодишна финансиска рамка на ЕУ е наведено дека земјите кои не го почитуваат владеењето на правото нема да добијат ниту евро од европските фондови.
Мекграт во интервју за ЕНР потенцира дека иако блокирањето средства не е желба на Комисијата, тоа е неопходна мерка кога се укажува на сериозни прекршувања. Во врска со влијанието на вештачката интелигенција, Мекграт истакна дека ЕУ има закон кој го регулира нејзиното користење и поставува стандарди за заштита, особено поради ризиците од ширење дезинформации кои можат да го загрозат демократскиот процес, особено пред избори.
Тој додаде дека наскоро ќе почне јавна консултација за новиот Закон за дигитална праведност кој ќе ги адресира и прашањата за заштита на децата онлајн. Се осврна и на обвинувањата на унгарскиот премиер Виктор Орбан дека ЕУ ја „оркестрирала“ Парадата на гордоста во Будимпешта, истакнувајќи дека тоа е органска реакција од локалните организации и граѓаните, а не вмешаност од Европската Унија.
Според него, слободата на здружување е основно човеково право и никој нема причина да се плаши од мирни собири.