Комитетот за надворшени работи на Европскиот парламент (АФЕТ) утре во 9 часот во втор обид да го усвои Извештајот за Македонија, откако првото гласање беше одложено по бурната реакција на бугарските европратеници. За нив беа спорни амандманите поднесени од групата на Зелените и Европската слободна алијанса, а со кои се бара во извештајот да бидат дополнети неколку члена во кои по наведената обврска за Македонија за усвојување на уставните измени, да се додаде „и истовремено целосно почитување на македонскиот јазик и идентитет“.
Бугарските европратеници тогаш го обвинија известувачот за Македонија, европратеникот Томас Вајц дека е премногу близок со Македонија, а кои поднесоа амандмани во кои се наведува потребата од внесување на Бугарите во Уставот и почитување на правата на припадниците на бугарското малцинство во Македонија.
Известувачот во Европскиот парламент за Македонија, Вајц побара одложување на гласањето со образложение да им се даде можност на европратениците, пред сè, од редовите на десничарските пратенички групи да ги ажурираат своите лоби-регистри. Вајц притоа рече и дека бил сведок на интензивни политички дебати околу Извештајот, но дека апсолутно стои зад документот, во чија подготовка до финалната верзија биле вклучени сите пратенички групи во Европарламент.
По одложување на гласањето, Европската слободна алијанса на својата официјална интернет страница објави текст дека проширувањето на ЕУ под притисок, насловен „Бугарија го загрозува европскиот проект за националистичка уцена против Македонците“. Во текстот се наведува дека бугарските европратеници, со соучесништво на Европските народни партии, прават притисок за одлагање на извештајот за Македонија, со цел, како што наведуваат, да ги легитимираат своите националистички цели и да продолжат да го негираат македонскиот идентитет.
„Ова не е само назадување во пристапот на Македонија кон ЕУ, туку и јасна злоупотреба на институциите на ЕУ за внатрешни националистички интереси на државата. Во Европската слободна алијанса, сакаме да ја подигнеме свеста за овие практики. Европскиот проект никогаш не треба да биде загрозен за националистички цели на земјите-членки. Ние им веруваме на пратениците на ЕУ задолжени за подготвување на текстот и сакаме да дадеме вредност на нивната работа, која треба да биде ослободена од притисок и уцена“, се наведува во објавата на Европската слободна алијанса.
Според Алијансата, бугарската држава одбива да го признае македонскиот идентитет, што е главниот проблем што историски влијаел на односите меѓу двете страни и кој, според неа, го користи Бугарија за да ја блокира Македонија од започнување преговори за членство во ЕУ.
Тамара Грнчароска