Премиерот тврди дека има политички консензус за Изборниот законик, чие носење е меѓу барањата од Планот за раст. Коментирајќи ги реакциите на невладините организации дека прагот за собирање на потписи за независни листи за нив е висок, направи споредба со некои европски држави.
„Во Германија, за влез во Бундестагот, се потребни потписи од 5 проценти од гласачите, во други држави тој процент е 3,4 и повеќе. Ние ги анализираме пораките и носиме најдобри решенија за граѓаните, а не за поединци или невладини“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
Граѓанските организации, пак, се повикуваат на поинаква европска пракса.
„Овие измени се обид да се избришат независните кандидати од политичката карта. Во мнозинството европски држави се потребни 200 потписи за независна кандидатура. Кај нас во Тетово се потребни 800“, вели Елмедина Абдулахи од граѓанската организација „Подобро за Тетово“.
Со новиот предлог се враќа процентуалното собирање на потписи според бројот на избирачи, но остана високиот праг за кандидатура во Град Скопје од 3.500 потписи, што за граѓанските организации е антиуставно. Бараат да не се изгласа и да се подготви нов закон.
Пратениците од власта и од опозицијата кои ги предложија измените, пак, ги предупредија дека ако не се изгласа законот, ќе се создаде правен вакуум и независните нема да можат воопшто да учествуваат на избори, откако Уставниот суд ги укина спорните членови со кои се зголеми потребниот број на потписи за кандидатура. Поради противењето на ДУИ и на Левица, измените сепак не беа изгласани.
Далиборка Демјанска Цветановска