Вести Македонија

Петти ден гори депонијата Шапкар кај Струмица

Гори депонијата Шапкар кај Добрашинци. Смрад на пластика и чад се шири по целата околина. Депонијата која е на територија на Општина Василево, има поставено чуварска служба од струмички Комуналец, кој и ја уредува депонијата, но самата надлежност околу депонијата е нејасна, особено ако се знае дека земјиштето му припаѓа на јавното претпријатие нацонални шуми. Освен ѓубрето на овие две општини, тука отпад депонира и Општина Босилово. Од струмички Комуналец велат дека вложиле околу еден и пол милион денари за да се изгаси огнот. Помагаат противпожарните возила на територијалната противпожарна единица Струмица, на теренот се ангажирани два булдожера и мини багер, обезбедени се и околу 2 илјади метри кубни земја, но, засега жариштата не се локализирани.

Жителите на селото Добрашинци бараат одговорност, бидејќи депонијата често гори во текот на летото. Што од несовени граѓани, што од самозапалување, населбата е обвиена во смрдеа и чад.

„Внуците ми дојдоа на гости, ќе мора да ги испратам назад, не смееме да излеземе надвор“, се жали жител н селото.

„Многу смрди се сомневаме дека и намерно се пали. Ама никој не нѐ прашува како е да се живее тука, отруени сме“, додава друг жител.

Од Комуналец велат дека гори целата територија на депонијата поради што е тешко да се локализира пожарот. Ваквото горење може да упатува и на човечки фактор како причина за пожарот, но не можат да тврдат со сигурност бидејќи под слоевите отпад има големи количини на метан кои при најмал контакт со кислород се запалуваат. Депонијата е оградена, но површината од 12 хектари тешко се контролира, па честопати од различни страни влегуваат собирачи на пластика и друг отпад.

За овој проблем реагираа и еко активистите од Здрава котлина. Бараат општините и инспекциите да ја сфатат сериозно ситуацијата и да спречат труење на населението кое речиси цела седмица е изложено на чад од запален отпад.

Сузана Мицева

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Дурмиши: Ќе се следат цените и во јуни, ако продолжи поскапувањето, економија оди со мерки во јули

Дејан Дејан

Што ќе избере Трамп – ќе се приклучат ли САД на израелските напади против Иран?

Дејан Дејан

Дурмиши: Даваат резултат мерките кои ние ги донесовме

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе