Раздвижено беше денес попладне низ скопските улици. Температурите се околу просекот за јуни. Автобуските постојки се преполни, а патувањата се мачни, особено во старите автобуси без клима. Тие што патуваат со понови возила велат дека има ладење, но сè зависи од линијата и релацијата.
„Во ниеден од автобусите што возат до Шуто Оризари нема клима. Се возиме како да сме во конзерва“, вели патник.
„Јас се возам со линија број 16 и таму има клима добро е“, кажува жителка.
„Нема клими во автобусите. Ретко може да дојде автобус со ладење и тоа обично се оние новите. Не знам зошто нема ладење дали штедат на гориво или нешто друго е проблемот. Кога нема ладење е пекол. Оној кој ќе го преживее тоа може да раскажува“, објаснува друг патник.
Последиците од топлото време се чувствуваат и во амбулантите. Матичните лекари велат дека има сè повеќе пациенти со стомачни тегоби, особено по патувања. Советуваат редовна хидратација и користење на пробиотици.
„Враќањето од одморите обично носи различни ризици, што најчесто ги вклучуваат и оние стомачни тегоби, кои се пропратени со температура, повраќање и дијареја. Но, тоа е сосема нормално затоа што има промена на температурата“, објасни Бојан Трајковски, матичен лекар.
Секоја година летните температури се повеќе и повеќе се зголемуваат. Институтот за јавно здравје веќе издаде препораки кога температурите се над 37 степени.
Тамара Марковска