Застрашувачки и долгорочни се последиците кои ги предизвикуваат лажните вести и дезинформации на социјалните мрежи во време на пандемија.
Тие се шират со подеднаква брзина како и самиот вирус и сите негови мутации, предупредуваат надлежните институции .
„ HealthBuddy+“ е новата алатка која ја промовираа УНИЦЕФ и СЗО за граѓаните да ги имаат во секое време информациите за корона вирусот кои се темелат на научни докази.
“Најновите податоци кои ги имаме е дека 3 од 4 млади луѓе на глобално ниво не се уверени во својата способност да ја проверат веродостојноста на информациите кои ги наоѓаат онлајн. За борба против пандемијата и инфодемијата потребна ни е доверба и солидарност помеѓу лидерите и заедницата. Дезинформацијата ги злоупотребува слабостите во општеството и институциите и понатаму ги продлабочува” – вели д-р Џихан Тавила, претставничка на СЗО.
“Во едно модерно време кога на луѓето им требаат информации кои што имаат големо влијание за нивното здравје едноставно бевме соочени со овие дезинформации. Технологијата го прави знаењето уште побрзо од нашата можност да го конзумираме истото. Видовме море од информации за вирусот, за вакцините и слично и тоа ги соочи владите со предизвикот како да го изменаџираат протокот на дезинформации и лажни вести. Еден од најдобрите начини за борба како што кажа претседателот Бајден е да ги следиме научниците и она што ќе го каже науката. Точните, веродостојни и навремени информации се од круцијално значење” – оцени Кејт Мари Брнз, амбасадор на САД
Во Македонија ќе мора посериозно да се пристапи кон спречување на ширењето лажни вести и дезинформации, државата да има поактивна и поагресивна кампања, смета Трајковска.
“Што тоа значи нашата влада и нашата власт ќе мора да биде секогаш отворена навремена и постојана во информациите, бидејќи ние од комуникациски аспект се занимаваме со кризна ситуација и оваа криза трае повеќе од една година. И потребно е да имате основани кредибилни и вистинити информации кои со кои ќе ги победите дезинформациите и мора да инсистираме да ги имаме постојаните бројки и точните информации, за да нема дупки во кои ќе се креираат лажни вести, кои во темнината најлесно се креираат” – вели Жанета Трајковска од Институт за комуникациски студии.
Ситуацијата е алармантна и затоа брзото и навремено детектирање на сите дезинформации и манипулации со корона вирусот се клучни. Граѓаните треба да сфатат дека дека треба да ги почитуваат мерките, кои не ја загрозуваат нивната слобода, туку се начин за да се заштити нивното здравје, сметаат стручњаците .
Нина Стефанова