Вести Македонија Најважни

Без глава ќе ја „сечат“ главата на корупцијата во Македонија и „посилно од било кога“ – Антикорупциска се огради од претседателката која е под истрага

Индивидуалната одговорност и постапките за утврдување на истата, не ја поткопуваат институционалната и колективна посветеност.

Ова е официјалниот став на Државната комисија за спречување на корупцијата, откако претседателката Татјана Димитровска стана една од осомничените во проширената истрага на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, по сомнежот за нејзина вмешаност во случајот „Адитив“.

Антикорупциска продолжува да работи, велат од институцијата.

„Државната комисија како институција продолжува да работи независно и ефикасно, во согласност со своите законски надлежности и својот мандат. Следејќи ги последните случувања, Државната комисија би сакала да ја увери јавноста, партнерите и меѓународната заедница дека институцијата останува целосно доследна на почитувањето на принципите на интегритет, транспарентност и владеење на правото. Државната комисија продолжува да ги спроведува своите тековни активности и обврски, а нејзината мисија за превенција и борба против корупцијата на сите нивоа останува непроменета и посилна од било кога“, се вели во соопштението на Државната комисија за спречување на корупцијата.

Дали ќе си даде оставка претседателката на ДКСК е прашање кое засега е без одговор. Но, доколку го послуша гласот на јавноста, таа треба да ја напушти фотелјата, оценуваат познавачите.

Поранешниот член на ДКСК, Владимир Георгиев, е на став дека покрај имиџот на Димитровска, нарушен е и угледот на институцијата и тоа негативно ќе се одрази на довербата на јавноста во неа.

„Јас би рекол дека кај нас постои една морална депресија кај службените лица. Многу ретко, а дури не се ни сеќавам дали некој од службените лица во било која ситуација си поднел оставка од морални причини. Останува на нејзе да процени дефинитивно иако притисокот на јавноста очигледно е голем. И доколку таа го послуша тој глас на јавноста, дефинитивно би требала да си поднесе оставка за ова што се случи. Тоа не значи дека со тоа ја признава својата одговорност, за тоа ќе си има постапка понатаму“, вели Владимир Георгиев, поранешен член на ДКСК.

Сомнежите за вмешанст во корупција на претседателката на ДКСК се тежок удар за општеството, оценува поранешната прва антикорупционерка, Билјана Ивановска.

Од Македонскиот центар за меѓународна соработка, пак, оценуваат дека корен на целиот проблем со ДКСК е тоа што моделот на избор на составот, што се покажал успешен претходно, при изборот на новите членови на Антикорупциска во 2023 година бил злоупотребен.

„Се случило што се случило, сега треба да гледаме како понатаму, Треба да се бара чаре. На потег е Собранието, сите членови и претседателката одговараат пред Собранието. Кои механизми може Собранието да ги преземе?! Што може самата институција да направи од аспект на самопроценка на ризици од корупција?! Ние тоа сме го правеле и претходно“, вели Билјана Ивановска, поранешна претседателка на ДКСК.

 

„Овој модел односно овој начин на избор беше злоупотребен и видовме едно политичко влијание при изборот. Со самото тоа, веќе можеме да констатираме дека има и одредени негативни резултати од меѓународните институции за начинот на работа на ова тело“, вели Снежана Камиловска – Трпковска, програмска директорка на Македонскиот центар за меѓународна соработка.

Татјана Димитровска минатата недела стана дел од истрагата за случајот „Адитив“ и е осомничена за оддавање службена тајна. Кривичниот суд ѝ определи мерки меѓу кои одземање на пасошот, како и забрана за работни активности поврзани со кривичното дело.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Братот на градоначалникот Стефковски „отрчал“ во станица за да плати казна за пребрзо возење на Велигден, Тошковски најави кривични за началник кој наредил полицаец да пише казна на друг човек

Дејан Дејан

Затемнување во Шпанија и Португалија- прогласена вонредна состојба откако двете држави останаа без струја

Дејан Дејан

Османи: Оваа влада нема интерес да го продолжи процесот

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе