Вести Најважни Свет

Франциск, папата од народот кој се обиде да ја реформира Римокатоличката црква

По повеќе месечна борба папата Франциск ѝ подлегна на болеста.

Првиот поглавар на римокатоличката црква кој доаѓа од Јужна Америка или воопшто од јужната хемисфера на планетата, првиот папа по 12 века кој не бил роден во Европа, првиот Езуит кој бил избран за Папа, и сето тоа откако неговиот претходник Бенедикт Шеснаесети стана првиот папа по 600 години кој доброволно се повлекол од службата.

88 годишниот поранешен Кардинал од Буенос Аирес и љубител на фудбалот утрово почина во Ватикан.

Тој нè научи да ги живееме евангелските вредности со верност, храброст и универзална љубов, особено во корист на најсиромашните и најмаргинализираните. Со неизмерна благодарност за неговиот пример како вистински ученик на Господ Исус, душата на папата Франциск ја поклонуваме на бескрајната милосрдна љубов на Едниот и Троичен Бог, рече камерленгото на светата римска црква, кардиналот кевин фарел.

Неговото скромно потекло и свештеничката работа која ја вршеше меѓу сиромашните во аргентинската престолнина, заедно со, според стандардите на Ватикан, прогресивните идеи го направија обожаван од верниците поглавар на римокатоличката црква.

Ако некој е хомосексуалец и сака да го пронајде Бога, кој сум јас да му судам, порача папата франциск во 2013 година.

Пред неговата смрт, Папата Франциск имаше поддршка на која политичарите би можеле само да му позавидат.

Но, во неговата родна земја, која не ја посети откако стана папа, чувствата се измешани. Детството поминато во Перонистичка Аргентина го формираше неговиот комплексен поглед на светот, но и предизвикаше обвинувања во текот на целиот живот за левичарски симпатии.

Чувствата помеѓу Аргентинците за Папата Франциск се измешани, и како многу други работи во оваа земја, поделени помеѓу политички линии, бидејќи папата Франциск беше сочувствителен со идеалите за социјална правда. Повеќето овде сметаа дека подобро се согласува со левичарските лидери, во оваа земја која сега е водена од екстремно десничарскиот економист Хавиер Милеи, рече дописничката на асошиејтед прес од Аргентина, изабел ДеБре.

Токму неговата прогресивна визија за религијата и улогата на црквата во 21 век,  со која ги освои срцата на милиони верници ширум светот, беше спротивставена со бројните сериозни скандали кои ги поткопуваа нејзините вредности.

Од обвинувања за финансиски малверзации, до неуспешниот обид за влегување на Ватикан во лондонскиот пазар на недвижности, и на крај не успеа да ги искорени сѐ присутните обвинувања за сексуално злоставување на деца од страна на свештеници ширум светот.

Отвори многу нови врати, нови патеки. Тој е првиот папа што ги прогласи хомосексуалците за еднакви под католичката Црква, дозволи хомосексуалните двојки да бидат благословувани. Одлучи дека е возможно да се дискутира за ѓакони жени. Не ја оствари таа цел, но ја отвори дискусијата. Тој е првиот папа кој постави жени на водечки позиции во римската Курија, како раководители на Дикастериите, а не само како секретарки или слугинки, а Папата Франциск жестоко се бореше и против злоставувачите на деца, порача марко полити, биографер на тројцата последни папи.

Папата Франциск по својата смрт остава комплицирано наследство. Неговите обиди за реформи во црквата беа саботирани од неговата желба да ги зачува милиениумските традиции на институцијата која ја предводи една од трите најголеми религии на светот.

Иако народот го обожаваше, кардиналите и свештенството останаа поделени во врска со начинот на кој тој ја водеше црквата, а особено изолацијата на кардиналите и концентрирањето на управувањето со Црквата во тесен круг негови блиски соработници.

Најголемиот дел од 138-те кардинали, од кои лично тој именува дури 110, за прв пат ќе се сретнат токму во Конклавата на која треба да се избере новиот папа.

Игор Трајков

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

На Граничниот премин Богородица не очекуваат долготрајно чекање

Дејан Дејан

Обвинителството истражува како се депонира пепелта во РЕК Битола

Дејан Дејан

Како се избира нов Поглавар на Светата Римска Црква?

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе